Дали некогаш сте погледнале во фрижидерот или креденецот и сте се соочиле со овошја и зеленчуци, кои веќе одамна ја изгубиле својата свежина и веќе најверојатно не е препорачливо да ги консумирате? Секој од нас, редовно прави голем број ненамерни грешки во врска со нивното чување и складирање и не може ни да се израчуна колку многу пари сме фрлиле во ветер на храна, која завршува во корпата за отпадоци.
Но, бидете без грижи, бидејќи постојат многу начини да го избегнете повторувањето на оваа непријатна ситуација. Денес, ќе ви ги презентираме најдобрите трикови за складирање на овошјето и зеленчукот, со чија помош, подолго ќе ја задржите нивната свежина.
1. Немојте да миете ниту еден плод пред да го складирате
Можеби ви звучи чудно, но во суштина миењето на овошјето и зеленчукот пред нивното складирање за понатамошна употреба, го намалува рокот на траење. Доколку некој плод е многу валкан, како што се на пример компирите, едноставно избришете ги со сува крпа или салфетка. Со миењето на свежите плодови, можете само да ја отстраните нивната природна заштита против мувлосување и скапување, а не би сакале тоа да се случи, нели!?
2. Овошјето и зеленчукот преферираат суво место
Влагата којашто ја има во фрижидерите, ги поттикнува плодовите побрзо да скапат. Добар трик за да ја неутрализирате влагата во фрижидерот, е да поставите кујнска хартија во фиоката во којашто ја чувате свежата храна. Таа ќе ги апсорбира прекумерните количества влага и ќе го спречи расипувањето на продуктите.
3. Како правилно да го складирате авокадото?
Незрелото авокадо треба да го ставите во дебела хартиена ќеса или да го завиткате во весник и да го чувате на собна температура додека да созрее. Откако ќе созрее, префрлете го во пластична ќеса и чувајте го во фрижидерот.
4. Одредени зеленчуци и овошја не треба да се чуваат во фрижидер
Бабурите, краставиците и доматите треба да ги чувате исклучиво на собна температура. Доколку се складирани во фрижидер, пиперките ја губат својата еластична структура, а краставиците и патлиџаните може да станат лепливи. Генерално кажано, незрелото овошје и зеленчук не треба да се чуваат во фрижидер, сè додека не созреат. Во спротивно, ќе скапат многу побрзо одошто би требало.
5. Завиткајте ги рачките од бананите за поголема трајност
Доколку бананите се чуваат во фрижидер, тие набрзо ќе потемнат и ќе го изгубат својот вкус. Најдобро е да ги чувате на собна температура, а нивните рачки да ги завиткате со пластична кујнска фолија, за подолга трајност.
6. Чувајте го лупениот и сечкан зеленчук во вода
Дали сте знаеле дека можете свежо исечканиот или излупен зеленчук, како што се морковот или целерот, да го чувате подолго време во фрижидерот? Еве уште еден интересен трик! За да ја задржите подолго нивната свежина, можете да ги складирате во садови полни со малку вода. Толку е едноставно!
7. Чувајте го овошјето и зеленчукот во потоплите делови од фрижидерот
Колку е пониска температурата, толку е потешко да се задржи аромата и свежината на овошјето и зеленчукот. Доколку сакате вашите продукти да го задржат својот одличен вкус во подолг временски период, чувајте ги во деловите од фрижидерот, каде што температурата е за нијанса повисока.
8. Одредени видови овошје и зеленчук не треба да се складираат заедно
Некои видови овошја и зеленчуци започнуваат активно да го испуштаат гасот етилен, откако ќе созреат. Тука спаѓаат бананата, кајсијата, дињата, крушата, сливата, мангото и доматите. Овошни и зеленчукови плодови кои се сензитивни на етилен, се јаболката, модрите патлиџани, лубениците, компирите, тиквите, морковите и брокулите. Доколку овие се постават во близина на некој од плодовите од првата категорија, тие ќе започнат да скапуваат со голема брзина. Поради тоа, најпаметно е да ги чувате овие две групи продукти одвоено.
9. Кромидот и компирот треба да се складираат посебно
Доколку ги чувате заедно, гасот којшто го испушта кромидот, ќе го забрза процесот на ‘ртење на компирот и ќе го направи неупотреблив за исхрана.
10. Лукот и кромидот сакаат темно место
Најдобриот пријател на лукот и кромидот е темнината. Доколку немате некој посебен неосветлен дел од домот каде што би можеле да ги складирате, можете да ги ставите во хартиени кеси, на кои претходно ќе направите по неколку мали дупчиња за да влегува воздух. На овој начин, можете да ги складирате буквално каде и да посакате, а истовремено и да им ја овозможите нивната потреба од мрак.
11. Компирот ќе се расипе доколку го чувате на сончева светлина
Никогаш не треба да ги чувате компирите на место, на коешто ќе бидат изложени на директна сончева светлина. Не само што ќе почнат да гнијат, туку можат да станат и опасни по здравјето. Наместо така, подобро е да ги чувате на суво и темно место или во дрвени, пластични кутии или корпи.
12. Ставете јаболко каде што ги чувате компирите
Доколку ставите едно или две јаболка онаму каде што ви се складирани компирите, тие ќе останат свежи во подолг временски период.
13. Аспарагусот треба да се чува како цвеќе во вазна
Најдобар начин подолго да ја сочувате свежината на аспарагусот, е да го ставите во чаша полна со вода, на ист начин како што би аранжирале букет со цвеќиња во вазна.
14. Брокулата и карфиолот се љубители на влагата
Најдобар начин да ја одржите свежината на брокулата, која инаку венее за само 2-3 дена, е да ја поставите со дршката во свежа вода, а горниот дел да го покриете со мокра крпа. Водата треба редовно да ја менувате, а крпата често да ја навлажнувате. Карфиолот исто така треба да го завиткате во мокра крпа или во пластична кујнска фолија, на која претходно сте направиле неколку дупчиња за вентилација.
15. На зеленчукот кој го чувате на собна температура му е потребно струење на воздух
Зеленчукот не треба да се чува сокриен во некое шкафче, бидејќи на овој начин тој побрзо ќе се расипе. Наместо во шкаф, најдобро би било да го чувате во дрвени или пластични кутии, кои овозможуваат добра вентилација или секаде каде што тоа може да ги почувствува придобивките од струењето на воздухот.
16. Завиткајте го целерот во алуминиумска фолија
Целерот ќе има подолга трајност доколку е завиткан во алуминиумска фолија и се чува на студено место, во фрижидер. Доколку го чувате во пластична кеса, тој ќе го изгуби вкусот и истрајноста.
17. Доматите треба да се складираат со дршката свртена нагоре
Делот околу дршката е најделикатниот дел на патлиџанот, бидејќи токму одовде тие почнуваат да гнијат. Поради тоа, најдобро е да ги складирате со дршките свртени нагоре и на тој начин, тие ќе ја одржат својата трајност.
18. Грозјето ќе остане свежо доколку се чува во полиетиленски кеси
Грозјето нема толку брзо да скапе, како што тоа најчесто се случува и ќе остане свежо и сочно, доколку го складирате во полиетиленски кеси или завиткано во пластична кујнска фолија и го ставите во фрижидерот. Исто така, немојте да го складирате во големи гроздови, бидејќи на тој начин, долните зрна ќе се згмечат.
Ова е гостинска содржина предложена од Криста, автор и уредник на Fashion Corner, портал за женска мода и убавина. Таа во слободно време сака да ужива во релаксирачка музика, долги прошетки во природа и учење странски јазици. Кога не вежба јога или не вози велосипед, таа го пакува куферот и заминува на некоја далечна дестинација, а по пат чита интересна книга за мистериозната човечка психологија.