Собранието на РМ во „Службен весник ” и во најмалку два дневни весника од кои eден на албански јазик, по разрешувањето на Марко Зврлевски , треба да објави оглас за нов јавен обвинител. Претендентите имаат 15 дена да ги достават кандидатурите.
Потоа Советот на Јавни Обвинители на барање на Владата во рок од 15 дена доставува образложено мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите.
Доколку Советот од оправдани причини во определениот рок не достави мислења до Владата , рокот се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.
Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување на Јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.
Условите што треба да бидат исполнети за едно лице да стане Јавен обвинител на Република Македонија се: да биде работоспособен државјанин на Република Македонија со општа здравствена способност, кој активно го владее македонскиот јазик, има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник со положен правосуден испит во Република Македонија, како и работно искуство од најмалку осум години по положениот правосуден испит, со потврдени резултати на правни работи, односно е редовен / вонреден универзитетски професор кој предава повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.
Од 1944 година до денес функцијата на Јавен обвинител на Република Македонија ја извршувале 15 јавни обвинители.
Мандатот на државниот обвинител е шест години со право на повторно именување.