Животната средина треба да се приоритизира во однос на градажната експанзија, беше тема околу која минатата недела се дебатираше во Струга.
Дебатата насловена како „Јавниот простор наспроти урбанистичката експанзија“, во организација на „Дивезити медиа“, го отвори прашањето околу зголемената изградба во Македонија, и колку урбанистичкиот хаос владее низ градовите.
На дебатата еден од говорниците беше и градоначалникот на Струга Зијадин Села, кој истакна дека урбанистичкиот хаос е пракса која владеела со години наназад, како и дека ниту една власт досега не се обидела да го стави ред во градежното дивеење.
Професорот Никос Чаусидис, кој е автор на книгата “Проектот Скопје 2014 – скици за едно наредно истражување”, урбанизмот во еден град го спореди со семејство и куќата во која живее.
„Еден несреќен град, еден град во хаос, создава луѓе во хаос. Хаотична атмосфера, која потоа манифестира хаос и меѓу луѓето“, истакна професор Чаусидис.
Села, посочи дека иако е тешко да се промени менталитетот и да се преземе иницијатива, главниот проблем е непочитувањето на законите.
„Во Струга досега прво почнуваше да се гради, а потоа се вадеше документацијата“, рече тој.
Арјета Џумкар, архитект, рече дека граѓаниет не се тие што треба да ставаат ред, туку дека тоа е должност на институциите.
„Ако не се почитува законот, тогаш системот на функционира, не ни функционира и општеството“, заклучи тој.
„Во целиот тој хаос на непочитување на законот и интензивно градење, каде е заштитата на животната средина?“, запраша еколошкиот експерт Беса Татеши, додавајќи дека заради урбанистичка експанзија на удар е животната средина.
„Населението живее или сака да живее во урбани зони. Урбаната експанзија е нешто што ние не можеме да го спречиме. Факт е дека таа експанзија влијае врз животната средина, меѓутоа, за жал, локалните и централните малку знаат за начините како да се одбрани“, објасни Татеши.
Оваа дебата беше седма од предвидените десет дебати кои се дел од проектот „Дебати_мк“, од програмата CIVICA Mobilitas на Центарот за институционален развој, ЦИРа.
Дебатите се поддржани и промовирани и од страна на Фондацијата ИДЕА Југоисточна Европа, дел од меѓународната ИДЕА мрежа која повеќе од десет години промовира дебата и критичко размислување помеѓу младитe.
Темјана Поповска