Зголемен бројот јавувања на „Ало докторе“ по серијата земјотреси

Од:

Изминатата недела по серијата земјотреси во Скопје просечниот број јавувања на линијата „Ало докторе“ е зголемен за околу 200 и најчесто се бара совет за начинот на кој граѓаните може да ја смират паниката предизвикана од потресите. Ова денеска во изјава за медиумите го истакна директорката на Здравствен дом Скопје, Татијана Баевска Вучковиќ.

– Граѓаните прашуваа како да се смират и што да се напијат во домашни услови како симптоматска терапија. Колегите даваа совети како да се постапува и им посочуваа дека паниката е непријател во такви состојби. При јавувањето во позадината вообичаено се слушаат и гласови на деца и затоа се даваа совети како да се постапува со нив, бидејќи тие ја гледаат реакцијата на родителите и се пресликува кај нив, рече Баевска Вучковиќ.

Таа појасни дека вообичаено неделно на линијата има од 1.200 до 1.500 повици, а во изминатава недела нивниот број достигнал до 1.700.

Како покарактеристичен пример го истакна спасувањето на животот на планинар кој бил каснат од змија.

– Двајца пријатели во источна Македонија заедно планинареле, а едниот од нив бил каснат од змија. Другиот веднаш се јавил на линијата 15123 и добил стручен медицински совет како да постапи и каде да се обратат најблиску за да се прими серумот. На тој начин се спаси животот на човекот каснат од змија. Потоа се јавија да се заблагодарат, рече Баевска Вучковиќ.

Нагласи дека и голем број од другите граѓани кои добиле помош и совет преку „Ало докторе“ потоа се јавувале да се заблагодарат, а некои прашувале кој специјалист е на телефонот и поставувале прашања од неговата област.

Баевска Вучковиќ информира дека над 113 илјади граѓани од сите возрасти во изминативе две години се јавиле на линијата „Ало докторе“ за лекарски совет и симптоматска терапија и побарале совети од докторите за различни проблеми. Најчесто граѓаните се јавувале за покачена температура и притисок, но имало и итни случаи кои веднаш биле упатувани во болница.

Би можело да ве интересира

На „Ало докторе“ 1.375 повици за една недела

Ана Ололовска

На „Ало докторе“ за една недела 1.261 повик

Ана Ололовска

На „Ало докторе“ досега 145.832 јавувања

Наум Локоски

На „Ало докторе“ за една недела 1.231 повик

Ана Ололовска

На „Ало докторе“ 1.280 повици изминатата недела

Наум Локоски

Измината недела 1.294 повици на Ало докторе

Наум Локоски