Свеста кај луѓето за донирање на органи е на задоволително ниво, но треба и понатаму да се развива за да имаме еден адекватен пристап за донирање на органи. Потребно е да се зголеми бројот на трансплантациите, а програмата за ливинг донор да не биде ограничена, туку секој кој ќе обезбеди орган, да биде трансплантиран.
Ова денеска по повод Европскиот ден за органодарителство и трансплантација го истакна претседателот на Здружението Нефрон, Душко Георгиев.
Тој информира дека поради пандемијата, трансплантација од познат дарител е стопирана во март па се до вчера, кога трансплантацијата била успешно извршена. Рече дека се надева оти до крајот на годината ќе има уште успешни трансплантации бидејќи посочи, заложбата на Здружението и тимот за трансплатација е кога има познат дарител да нема листа на чекање, односно секој кој ќе обезбеди орган – конкретно бубрег затоа што најголем дел од транасплатации се од трансплатации на бубрег, да биде веднаш трансплантиран.
-Апелираме да се зголеми бројот на кавадеричните трансплантации, затоа што имаме оправдани причини. Прво потребата од кавадерични органи е голема, второ во најсложените услови кога во услови на пандемија тимот и клиниките кои се карики во целиот синџир покажаа дека можат да се организираат, и да извршат две кавадерични трансплантации и како круна на целата работа беше за прв пат извршена трансплантација на срце, што значи можно е, што значи тимот е спремен и мислам дека тоа треба да продолжи понатаму, рече Георгиев денеска на прес-конференција.
Како што посочи, без донирање на органи нема трансплатација, а без трансплатација нема спасување на многу животи, на кои што трансплантацијата им е единствен начин на лекување.
Европскиот ден на дарување се одржува секоја втора сабота во месец октомври, а Здружението Нефрон годинава го одбележува со неколку активности низ државата, со цел подигање на свеста на органодарителство, и зголемување на бројотот на трансплантации. Во сабота е предвидено да имаат отворена трибина во градскиот парк, каде со пациентите, трансплантирани донори ќе поделат промотивен материјал.
Во следните денови со мото клуб Здружението ќе организира тура низ државата, каде што со свои придружници, волонтери и членство ќе организираат повеќе настани.
-Ќе речеме немаме донори, нашиот народ не сака да донира, ние со нашите скромни истражувања и со податоците од пред неколку години кога за неполни две години се направија 15 кавадерични трансплантации, зборува дека свеста кај луѓето за донирање на органи е на задоволително ниво, меѓутоа тоа треба понатаму да се развива и да се работи да имаме адекватен пристап за донирање на органи затоа што не може една година луѓето да сакаат да донираат а другата да не донираат, додаде Георгиев.
Сашо Дохчев, шеф на тимот за трансплантација на денешната прес-конференција рече дека трансплантацијата е еден сложен процес, учествуваат многу клиники и сите треба да работат усогласено за да се заврши успешно.
-За среќа и вчерашниот ден во услови на пандемија заврши успешно, сите бевме среќни, бевме малку скептици како ќе поминеме на самата трансплантација, колку од технички аспект колку стравувавме да не се случи нешто со пациентите кои се навистина оселтиви и спаѓаат во ризична група. И во вакви услови успеавме да направиме четири кавадерични трансплатации, и пет ливинг донор трансплантации не е голема бројка но ако е просек околу 20 трансплатации годишно, ова е сосема задоволително. Имаме уште три предвидени трансплантации и спремни пациенти – парови за трансплатанција донор и реципиент, и уште до крајот на годината пет до шест трансплантации мислам дека би можеле да направиме, рече Дохчев.