Затворски казни од три до шест години за седуммина од „Планина“ кои се спогодија со обвинителството

Од:

По спогодбите со седуммината припадници на т.н. група од Гази Баба осомничени во предметот „Планина“, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Предлог -спогодби со уште седум лица од групата во Грчец.

Откако беа запознаени со доказите што обвинителството ги прибави во текот на спроведувањето на предистражната и истражната постапка, го признаа извршувањето на кривичното дело за кое се товарат. Судијата на претходна постапка при Основиот кривичен суд – Скопје ги прифати Предлог – спогодбите и лицата ги огласи за виновни за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори предвидено и казниво по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Со пресуда на обвинетите им е изречена казна затвор во која се пресметува и времето поминато во притвор и тоа:
-на осомничениот С.С.(34) осудуван за други кривични дела во траење од пет години;
-на осомничените Б.Љ.(39) и Ф.Љ. (33) осудувани за други кривични дела во траење од по три години и шест месеци и
-на осомничените И.А. (19), С.Е. (21), Е.И. (24) и Ќ.Љ. (29) досега неосудувани во траење од по три години.

Во периодот од месец март 2020 година до месец март 2021 година осомничените И.М. и Б.Љ. кои се недостапни на органите на прогонот, како и други НН лица, во повеќе наврати искористувајќи исти прилики и други слични околности неовластено купувале наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана и истата ја криеле на безбедни локации во с.Грчец. Заради неовластена продажба организирале мрежа на препродавачи и посредници во која биле опфатени и останатите осудени и осомничени лица. Тие имале задача да воспоставуваат контакти со заинтересирани купувачи од Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица и други градови. Откако ќе ја договореле цената, количината и видот на наркотичната дрога, ги известувале И.М. и Б.Љ. кои им ја давале измерена и спакувана нарачката. Препродавачите добивале процент од постигнатата цена која се движела од 4-5000,00 денари по грам за кокаин и од 12-15.000, 00 денари за 100 грама марихуана.

Согласно член 215 став 6 од Кривичниот законик, во корист на РСМакедонија, како предмети што се употребени за извршување и што потекнуваат од кривичното дело, се одземени: едно ПМВ марка АУДИ 3, 17 мобилни телефони, 32 држачи за СИМ картички, 13 СИМ картички, едно пакување бела непозната материја, 6 мали полиетиленски пакувања со наркотична дрога -кокаин, 5 капсули бела боја и еден куршум.

Обвинетите што се спогодија со обвинителството се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек.​

Би можело да ве интересира

Обвинителството ги отфрли кривичните пријави против Џафери и против пратениците кои болни со Ковид-19 гласаа во Собранието

Обвинение за агентот за недвижности поради измами во продажба на станови

Притвор за скопјанецот кој се обиде да убие двајца познаници

Обвинение за вработен во гостиварската пошта кој удрал пратка

Притвор за скопјанецот во чиј дом беше пронајден арсенал оружје

Јавното обвинителство предложи санкции за малолетникот што го прегази хирургот Јота