Со школата за гитара под менторство на Влатко Стефановски, и концертот на женската група „Марјанке“ од Сплит, Хрватска, се означи стартот на летната туристичка сезона во Крушево.
Гостинките од Хрватска својот настап го започнаа со исполнување на македонската химна, со што уште еднаш го истакнаа пријателството меѓу македонскиот и хрватскиот народ, а тој чин беше поздравен со заслужен аплауз од многубројната публика.
Овие два настани всушност се вовед во многубројните содржини кои годинава се предвидени во рамките на програмата „Крушевско културно лето 2015“, која е поддржана од Министертсвото за култура и Општина Крушево.
Веќе на 5-ти јули на градскиот плоштад „Никола Мартиноски“ ќе може да се ужива во овогодинешното издание на „Баскерфест“, а 15 јуни е резервиран за Сашко Коцев. Во следните денови, на истото место, 44 деца од различна етничка и верска припадност ќе заиграат „зумба“ и ќе ја пренесат својата порака „Зборуваме различно, танцуваме исто“ во рамките на програмата „Градиме мостови“.
Со „Бела ноќ“ на 24 јули започнува 17 – дневниот „маратон“ каде секојдневно ќе се реализираат многубројни културни настани. Веќе следниот ден 25 јули е резервиран за свеченото отворање на манифестацијата „Крушево Етно – Град“, а паралелно со оваа манифестација, ќе се реализираат и програмските активности од проектот „Денови на влашката култура“.
Од 31 јули започнува и одржувањето на НКС „10 Дена Крушевска Република“, кои ќе траат до 10-ти август.