Досегашниот ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа проф. д-р Замир Дика денеска е реизбран на ректорската функција на посебна седница на Одборот на оваа високообразовна установа, информираше службата за односи со јавноста на УЈИЕ.
Со тајно гласање во првиот круг проф. д-р Замир Дика ја доби довербата на Одборот наредните четири години да го води Универзитетот.
Ректорот Дика доаѓа на ова место по завршувањето на првиот мандат, во кој успешно раководеше со оваа високообразовна институција.
Професорот Дика беше избран со мнозинство од вкупниот број на гласови од членовите на Одборот, а изборната постапка беше спроведена во согласност со Статутот на Универзитетот, се вели во соопштението.
Конкурсот за нов ректор бил отворен до 8 март оваа година, при што во него биле вклучени и одредени барања за оваа позиција како академско звање – редовен професор признато од страна на државата, искуство во управување, ентузијазам за развивање со специфичност на мисијата на Универзитетот, давајќи приоритет на кандидатите кои ги знаат јазиците кои се користат на Универзитетот албанскиот, македонскиот и англискиот јазик.