Лидерот на СДСМ го објави записникот на МВР по извршениот увид на сообраќајната несреќа на Никола Младенов од 27 март, 2013 година.Според Заев, во официјалниот документ се наведени 4 клучни работи, кои откриваат дека од јавноста биле криени многу податоци.
Во официјалниот документ на Министерството за внатрешни работи се наведени дополнителни 4 клучни информации и факти зошто е потребна нова истрага за Никола Младенов.
Во овој Записник, на страна 2, во првиот пасус, стои дека Младенов возел по десната сообраќајна лента од автопатот Велес-Скопје, во насока кон Скопје. На страна 4 пак се наведуваат оштетувањата на предниот дел од возилото на Младенов, со што се потврдува дека возилото удрило со предниот дел во металната заштитна ограда.
На оваа слика (слика 1) се гледа дека кривината во која навлегло возилото на Младенов е во лево, а видлив е и пробивот на металната заштитна ограда.
Доколку возилото се движело по десната лента, како што стои во Записникот, значи дека возилото ја совладало кривината. Во спротивно, требало да излета пред делот каде што е прекината оградата.
Дополнително, доколку возилото на Младенов навлегло со голема и неприлагодена брзина тогаш ќе било исфрлено во десно, со целата своја десна бочна страна и би гребело по заштитната ограда 30-50 метри. За такво нешто докази очигледно нема.
Ескперското мислење на стручни вешти лица коишто ги консултиравме е дека возилото на Младенов или се движело по левата коловозна лента или помеѓу двете ленти и притоа наеднаш завртело во десно, пришто, со предениот дел удрило и ја пробило металната ограда (слика 2).
Насоката на движење и ударот во заштитната ограда со предниот дел на возилото на Младенов е седма причина за нова истрага за смртта на Никола Младенов.
Да се навратиме повторно на трагите со црвена и црна боја коишто во еден од разговорите ги посочи Котевски, за што Јанкулоска го информираше и Никола Груевски преку СМС порака.
На страница 8 од Записникот на МВР исто така е наведено дека постоеле траги со црвена и црна боја, на заедниот дел од возилото на Младенов, на висина од 60-85 сантиметри.
Еве, на оваа слика (слика 3), на идентично возило како она на Младенов, е означено тоа место сразмерно на висината на којашто биле трагите.
Црвената боја на задниот дел на автомобилот на Младенов, како што стои во овој Записник, „претставува црвена боја која се користи за заштита на метални површини и нема слој од заштитен лак кој е карактеристичен за автомобилските бои.“
За црната боја пак, исто така воочена на задниот дел од автомобилот на Младенов е утврдено дека „претставува траг од црн полимер“ (страна 9 од Запнисникот).
Факт е дека нема лак во секоја автомобилска боја туку тоа зависи од базата од којашто е направена бојата. Факт е дека во автомобилската индустрија црн полимер се користи за браници на оние возила коишто немаат браник во боја. Во поткрепа на ова е споменатата порака на Гордана Јанкулоска до Никола Груевски дека има траги од друга кола на возилото од Младенов.
Која е клучната забелешка овде? Што е сокриено? Постои голема веројатност, доколку возилото на Младенов било удредно во задниот дел, означен на оваа слика (3) возилото на поголема брзина да се заротирало со предниот дел во десно и да излетало од патот како што е прикажано на оваа слика (2).
Движењето на возилото на Младенов и трагите од боја во заедниот десен дел од автомобилот се осма, клучна причина за нова истрага за смртта на Никола Младенов.
Продолжуваме понатаму со доказите. Темелно, вимателно, како што заслужува великанот на македонското новинарство и борец за слобода. Ве молам за концетрација и трпение.
На страна 5 и 6 од овој Записник стои дека не се најдени траги од крв на предното ветробранско стакло и стаклото на левата предна врата.
Дополнително, на страна 8 во Записникот е наведено дека на облеката на Младенов не се најдени траги од стакло.
Се поставува прашањето како излетало телото на Младенов и зошто тоа не е забележано? Дали поради нелогичноста што нема траги на крв или поради нелогичноста да нема траги од стакло?
Автомобилските безбедносни стакла се дизајнирани на тој начин да при удар се кршат на многу ситни делови. Логичен е заклучокот дека доколку Младенов излетал од возилото или ќе имало траги од крв или траги од стакло.
Исто така, на третата страна од овој Записник на МВР, е наведено дека усмртеното тело на Младенов било пронајдено на дури 22,5 метри од возилото. Од кои причини на споменатата прес конференција одржана во јуни 2013 година беше посочен сосема погрешен податок дека телото на Младенов било пронајдено на 7 метри од возилото?
Оддалечноста на телото од возилото и непостоењето на траги од стакло е уште една, деветта причина за истрага за смртта на Никола Младенов.
На оваа, страница 3 од Записникот на МВР е наведено дека за време на увидот на местото на настанот биле пронајдени и три фискални сметки.
И оваа информација, како многу претходно беше сокриена од јавноста?
Зошто Марко Зврлевски, од позиција Јавен обвинител, на 10-ти јули 2013 година, кога и официјално беше соопштено на јавноста дека случајот со Младенов се затвора како несреќен случај, изјави дека „на лице место не се пронајдени фискални сметки“?
Што се крие во овие фискални сметки коишто иако стојат во официјалниот Записник на МВР никој и никаде не ги споменува официјално?
Да почитувани граѓани, фискалните сметки се десеттата причина за нова истрага за причините за сообраќајната несреќа на Никола Младенов.
Почитувани граѓани,
Криминалната власт на Никола Груевски ја лажела јавноста, криела информации и неспровела истрага за случајот Младенов.
Дозволете во името на правдата, слободата, демократијата и правото на граѓаните да ја знаат целата вистина, јавно да дадам збор, ветување, пред се до семејството на Младенов и неговите колеги, дека по промената на власта во Република Македонија ќе биде отворена нова, темелна, целосна истрага за смртта на Никола Младенов којашто ќе ги расчисти сите оправдани сомневања.
Истрага за Младенов треба да има и ќе има. Ви ветуваме дека правдата ќе ги стигне сите!
Слободоумни и демократски граѓани на Македонија „колку чини слободата“.
Ајде заедно да се избориме за враќање на слободата и демократијата за вакви „несреќи“, под наводници, да не ни се случуваат. Да не дозволиме на нашата земја, на Македонија да и се случуваат нови несреќи, нови трагедии, рече Заев.