Речиси 380 нови граѓански огранизации се регистрирани во првата половина од 2013-та година, односно по 60 новоформирани никнуваат на секој месец, објавува Центарот за институционален развој – ЦИРа.
Најмногу се регистрирани во областа на спортот, развојот на културата, заштитата на животната средина, младинските прашања и образованието. Една третина од здруженијата се занимаваат со различни области од спорот, додека по само едно здружение е формирано во областите на намалување на сиромаштијата, развојот на општествена одговорност, заштитата на животни, борбата против зависностите, како и едно на струково здружение.
Здруженијата кои работат во областа на развојот на културата, уметноста, музиката, традицијата и културното наследство се вкупно 51 на број, односно 13.5 % од ново регистрираните.
Во областа на заштита на животната средина се регистрирани 20 организации, здруженија се младинските и образовните прашања по 14 во секоја од овие две области, додека 11 се регистрирани да работат на влијание или промовирање на состојбите во различни сфери во здравството. Исто така, 11 нови организации ќе работат во областа на развојот на демократските процеси во Република Македонија.
Само 2 % од вкупниот број, односно 6 оранизации работат во областите на човекови права, развојот на локалната заедница, духовниот развој, решавање на проблемите на лицата со посебни потреби, како и негувањето на спецификите и правата на помалите етнички заедници.
Во овој период се формирани 6 аналитички и истражувачки центри. Областите на почитување на правата на жените, економскиот развој, заштита и промоцијата на правата на специфични групи на интерес, промоција на здрави животни навики, како и меѓуетничка кохезија се со 5 гражански организации. По 3 се формирани во областите кои работат со пензионерите, развојот на туризмот, како и на соработката со други земји.
Во анализата на Центарот за институционален развој ЦИРа, се вели дека според информациите од Централниот регистар од март 2012, биле регистирани вкупно 3.732 здруженија и фондации. Како што велат од Центарот, според забележената динамика на регистрација на организации за пола година, може да се заклучи дека во Македонија во моментот има регистрирано околу 4650 граѓански организации.
Петар Клинчарски