Многуте видови на пиво, скара и добрата музика на годинашниот јубилејниот фестивал на пивото „Пивофест 2012“ ќе му донесат на Прилеп околу 350.000 посетители кои остават во градот околу 4 милиони евра.
„Ако направите една проста математика ќе излезе дека ние од Пивофест имаме добивка од 4-5 милиони евра. Годинава очекуваме 350 илјади посетители, кои по претпоставка да потрошат од 10-15 евра, ќе ја добиете таа пресметка“, изјави градоначалникот на Прилеп во своето интервју за „Капитал“.
Тој вели дека се тече според планот, Прилеп е подготвен за 4 – дневното славје, така што четири дена во градот ќе се игра и ќе се пее.
„Неуморно работиме цел тим од локалната самоуправа за да понудиме што подобра, врвна и квалитетна забава за сите туристи. Пивофест е вистински македонски и балкански бренд, а наша обврска е да го развиваме што повеќе“- изјави градоначалникот.
За време на четирите дена, од 12 до 15 јули во градот ќе има посебен режим на сообраќај и посебна железничка линија за гостите од Скопје. Возот ќе тргнува од Скопје во 11 часот, а ноќта ќе се враќа кон Скопје во 1,30 и во 2,30 часот.
Во понеделник пристигнува и туристичкиот воз со 55 седишта.
Јубилејниот фестивал ќе се организира на површина од околу 20.000 метри квадратни, со корисна површина од околу 4.800 метри квадратни, а тој годинава е збогатен и со културната програма во која свое место во првите три дена ќе имаат: Дубиоза Колектив, Влатко Стефановски, Сарс, Есма Реџепова, Кирил Џајковски, Мирослав Илиќ, Џеј Рамадановски и Жељко Јоксимовиќ.
Последната вечер е резервирана за настапот на Петар Грашо и Лепа Брена.