„Вчера ветивме дека многу бргу ќе ѝ ја покажеме на јавноста криминалната шема што ја прикрива коалицијата Данела Арсовска – ДУИ – Левица. Вчера ветивме дека ќе ви го покажеме криминалот. Денес сме тука со конкретни документи. ЈП Комунална хигиена потпишува Договор со осумнаесет годишниот син на Блерим Беџети, замислете за давање совети за заштита на животната средина. Договор бр. 57254 склучен на 25.02.2025 меѓу ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ и фирмата „Веда ДООЕЛ“. Се гледа дека парите ги прима – Валон Беџети, син на Блерим Беџети, кој и се има потпишано. Предмет – „интелектуални услуги – давање на совети за заштита на животната средина“ без јасно дефинирани резултати. Човекот на кого ЈП Комунална хигиена му плаќаат скоро 12.000 евра за совети е осумнаесет годишно дете“, рекоа денеска на прес-конференција од „ВРЕДИ“.
Од таму велат „со еден потпис, парите на скопјани завршуваат на сметка на фамилијата Беџети, додека Скопје тоне во ѓубре и нечистотија“.
За „ВРЕДИ“, овој директор е поставен од другарката на Блерим Беџети, градоначалничката Данела Арсовска.
Оценуваат дека ова е коалицијата на ДУИ, Левица и Димитар Апасиев од кој ќар имаат лично тие, а губат граѓаните на Скопје.
„Истото јавно претпријатие веднаш издава фактура бр. 73818 за истата сума од 775.000 денари за „извршени“ услуги. Фактурата е потпишана од истата посредничка фирма, без доказ дека услугата воопшто е започната а камоли завршена. Рецептот се повторува – втор корисник, близок роднина на директорот на ЈП Комунална хигиена Сабахедин Рустеми. Фактура бр. 73819 која носи ново име: Бесар Саќипи – близок роднина на в.д. директорот на претпријатието, Сабахедин Рустеми. Описот е речиси копи-пејст: „имплементирање нови техники за заштита на животната средина“. Повторно договорени 775.000 денари“ – велат од „ВРЕДИ“.
Појаснуваат дека истиот ден, истата сума, истата шема, овојпат за роднина на човекот што ја контролира касата.
„Градоначалничке Данела Арсовска, вие лично ги поставивте овие директори, кои знаевте дека се блиски на вашиот другар Блерим Беџети. Денес имате два избора: Прво, да ги разрешите и да поддржите истрага, или да останете соучесници во кражбата од џебот на скопјани“ велат од ВРЕДИ.