Пратеникот на Коалицијата „Вреди“, Беким Сали на прес-конференција попладнево информираше дека бараат од Јавното обвинителство да реагира по допрен глас за основано сомнение за сторена политичка корупција во режија на кадрите на ДУИ во „Лотарија“.
– Согласно оваа тековна состојба издадена од Централниот регистар на 4 август 2024 година, АД „Државна лотарија“ на 31 март 2023 година преку делегирање на 51 отсто во сопственичкиот капитал, регистрирал втора видео лотарија под името „НОВО ВЛТ“ со основна главнина од без малку 10 милиони евра. Како носител на дејноста и ко-сопственик на „НОВО ВЛТ“ се јавува компанијата Друштво за услуги ХТЛ Македонија ДООЕЛ Скопје. За членови на Надзорниот одбор на „НОВО ВЛТ“ беа назначени, продолжената рака на Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами и неговите сопартијци од ДУИ, Артин Спахију и Омер Буњаку. Согласно оваа рамковна спогодба – договор за јавна набавка склучена меѓу „НОВО ВЛТ“ и косопственикот и основачот „ХТЛ“, склучена на 13 јуни 2024 или 35 дена по парламентарните избори, се предвидува за период од две години да се набават 1.600 видео лотариски терминали во вкупна вредност од речиси 19 милиони евра, изјави Сали.
Попрецизно, како што појасни пратеникот, „НОВО ВЛТ“ во чиј „Надзорен одбор се тројца кадри на Артан Груби во постизборен период кога се знаеше дека ДУИ оди во опозиција, од приватната фирма односно вториот основач набавува илјадници казино апарати за период од наредни две години, во вкупна вредност од речиси 19 милиони евра“.
– Бараме од Јавното обвинителство да истражи кои се мотивите за оваа јавна набавка? Дали е точно дека во моментот на потпишувањето на рамковната спогодба – договор за јавна набавка, пазарната цена на еден видео лотариски терминал била 3.800 евра? Дали е точно дека поединечната цена за еден видео лотариски терминал која е договорена во рамковната спогодба – договор за јавна набавка, изнесува 10.000 евра или за 6.200 евра поскапа од неговата пазарна вредност? Дали е точно дека вкупната вредност на набавката чини неверојатни 9 920 000 евра поскапо од пазарната вредност на видео лотариските терминали? Во чии џебови ќе заврши разликата од речиси 10 милиони евра, само од овој тендер? Или дали вредноста на казино апаратите е свесно и со умисла зголемена со цел да се штелува основната главнина неопходна за отворање на новата државна видео лотарија?, додаде Сали.
Тој информираше дека очекуваат Јавното обвинителство, во најкус можен рок, да отвори предмет и да преземе соодветни правосудни дејствија, за да ги расчисти сите околности околу причините и сомневањата за политичка корупција што биле наведени денеска.
– Истовремено, ќе побараме од Управата за финансиско разузнавање да ги истражи евентуалните врски на поранешни функционери на ДУИ со сомнителни лица од соседна Србија, поврзани со казино бизнисите, подвлече Сали.
Тој рече оти „Вреди“ е гаранција дека правдата ќе го стигне секој кој се огрешил пред законите, без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност.
– Вистината за гревовите на режимот на ДУИ, допрва ќе се откриваат, смета пратеникот на „Вреди“.