Возовите ќе се движат од 100 до 120 километри на час по пругата од Коридорот 10

Од:

За една година треба да заврши реконструкцијата на железничката пруга од Ногаевци до Неготино која е дел од Коридорот 10. Со тоа ќе се заокружи санирањето на 28-те црни точки на железничките пруги низ државата каде возовите мораат да се движат со намалена брзина поради старите и дотраени пруги.

Градежните работи на оваа делница ќе ги извршува бугарската компанија ЦК-13 Холдинг ЈСЦ, која денеска во Скопје го потпиша Договорот со Македонски железници – Инфраструктура.

Планирано е за една година да заврши рехабилитацијата на оваа делница во должина од 31 километар за што се обезбедени средства во висина од 9,5 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.

Со ремонтот се предвидува да се изврши комплетна замена на дотраените дрвени прагови со армирани бетонски, комплетна замена на постоечките шини со нови стандард 60 кои за првпат ќе се применат на пругите во Македонија, како и реконструкција на пероните на стојалиштата Ногаевци, Стоби и Црвени Брегови и на станиците Градско, Кукуричани и Криволак.

Бугарската компанија треба во рок од 90 дена да изврши пренесување на опремата до градилиштата и да изврши набавка на потребните материјали.

Со реконструкцијата се очекува зголемување на безбедноста во железничкиот сообраќај и зголемување на брзината од 100 до 120 километри на час со која ќе се движат возовите.

– Првпат ќе се вградат шини стандард 60 кои се новитет во Македонија што значи дека ќе се создаде поголема стабилност за поминување на возовите и ќе се добие проектираната брзина на возовите од 100 до 120 километри на час, истакна директорот на Македонски железници – Инфраструктура Ирфан Асани по потпишувањето на Договорот.

Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, денешното потпишување на Договорот е уште една потврда дека Владата посветено работи на подобрување на железничкиот сообраќај во државата.

– Она што е најважно е дека ќе се зголеми брзината на возовите за двапати, односно сега просечната брзина е 50 до 60 километри на час, а согласно европските стандарди што сакаме да ги постигнеме брзината ќе биде од 100 до 120 километри на час. Сакам да истакнам дека има делови од оваа делница на кои сега возовите се движат со брзина од 30 до 40 километри на час така што ќе има и целосна градба на нови пруги бидејќи не може целосно да се реконструираат тие делови од оваа делница, рече Јанакиески.

Цветанка Петрова Нешова, извршен директор на бугарската компанија, истакна дека се целосно подготвени да ги завршат градежните работи во предвидениот рок.

Последниот ремонт на делницата Ногаевци – Неготино е извршен во 1968 година, односно пред 45 години.

Би можело да ве интересира

Бочварски: Правиме либерализација на железницата оти граѓаните плаќаат 25 милиони евра, а не добиваат услуги

Орце Костов

Попуштените мостови и расипаните возови не се пречка: Македонија ќе гради брза пруга од Скопје кон Ниш

Орце Костов

Владата ќе ги спасува Железници од банкрот: Ќе купи нови акции вредни 15,6 милиони евра

Орце Костов

Од 700 километри пруга, граѓаните користат 150: Државата ниту изгради ново, ниту модернизираше старо

Орце Костов

Втор ден не сообраќа возот на релација Велес-Прилеп-Битола и обратно

Директори им се закануваат на машиновозачите со откази наместо да делат плата: „Нашата плата е 23.000, а не 60.000 денари“

Горан Наумовски