Осветување на водите и положување на светиот крст се одржа првпат во затворениот базен во Куманово. Најсреќен меѓу осумдесеттемина кои пливаа до крстот беше 16-годишниот Стефан Мирчески.
Иницијатори за настанот се трите пливачки клубови од Куманово,„Тумба“, „Делфин“ и „Аква“, со поддршка од Кумановско-осоговската епархија и Општина Куманово. Манифестацијата претставува спој на модерното и традиционалното, а имаше голем одѕив, над 80 пливачи од градот.
– Граѓаните дадоа голема поддршка, а интересот за учество беше голем, што не мотивира да продолжиме да органзираме вакви настани и со хуманитарен карактер, рече Александар Спирковски од Пливачки клуб „Делфин“.
Градоначалникот на Куамново Зоран Дамјановски му додели телевизор на среќникот кој прв доплива до крстот.
– Ја поддржавме манифестацијата и мислам дека е поповолно на овие ниски температури и тешки временски услови да се организизра вакво нешто. Ние доделивме телевизор во вредност од 10.000 денари што секоја година ги доделуваме, рече Дамјановски.
Игор Здравковски, свештеник во Кумановско-осоговската епархија, порача дека масовноста на ваквите настани радува бидејќи, според него, секој крстен христијанин го носи Бог во себе.
– Мислам дека е време ние христијаните да почнеме да се гледаме така, како браќа и сестри по вера, и на тој начин да почнеме да функционираме, зашто очигледно ништо однадвор не не сплотува, само не разделува. Она божественото што Бог ни го даде, благодатта, преку законот на љубовта, треба да ја намножуваме, рече отец Здравковски.