Општинската организација на Сојузот на борци од Велес, претставници на локалната самоуправа и велешката касарна на АРМ, денеска на спомен бистата на Алексо Демниевски Бауман во новиот дел на Велес одбележаа 112 години од раѓањето и 56 години од неговата смрт.
Алексо Демниевски бил доброволец во шпанската граѓанска војна, а на 1 јануари 1945 година бил поставен за политички комесар и командант на 15. Македонски корпус. Во негова чест, касарната на АРМ во Велес го носи името „Алексо Демниевски-Бауман“.
Меѓу доброволците од 55 земји, кои учествувале во одбраната на Шпанија, во славните интернационални бригади учествувале и 137 Македонци.Од нив петмина биле од Велес,а меѓу нив и Алексо Демниевски – Бауман.Роден 1905 во Велес, а починал на 5 септември 1961 година во Белград.
Инаку Алексо Демниевски Бауман за време на воените судири во Шпанија, често пати знаел да каже дека тој таму се борел затоа што шпанската борба ја поистоветувал со македонската,а борбата против меѓународниот фашизам ја сметал и за борба против македонските поробувачи.
Делегации на борците, претставници на АРМ и на Општина Велес положија цвеќе на спомен плочата во чест на Трајче Пингов и Никола Алтиев и одбележаа 75 години од нивната смрт. Тие биле младинци кога во септември 1942 година сакале да одат во партизани и да се приклучат кон одредот „Димитар Влахов“, но на 6 септември 1942 година на фудбалски натпревар на Фудбалското игралиште во Велес биле откриени од полицијата. Притоа бил убиен Трајче Пингов, а тешко ранет Никола Алтиев, кој бил пренесен во велешката болница, каде што починал.