Во штипскиот затвор изутринава е пронајден мртов 39 годишниот Ибраим Сулејмани, поранешен припадник на 112. бригада на ОНА.
Сулејмани беше осуден на 15 годишна казна затвор, а во затворот во Штип престојуваше веќе 4 и пол години.
Ибраим беше осуден во врска со хашките случаи за злосторство од конфликтот во 2001 година, поточно за киднапирањето на четворица Македонци од тетовската населба Дреновец кои никогаш не беа пронајдени. Судот утврди дека тој е киднаперот на Илчо и Васко Трајчевски, како и Ѓоко Синадиновски и Боби Јакимовски од куќата на Трајчевски во тетовската населба Дреновец.
„Обвинетиот Сулејмани заедно со други припадници на т.н. ОНА вооружени со автоматско оружје дошле во дворот на куќата на Илко Трајчевски, во која се наоѓале неговиот син Васко Трајчевски и неговите пријатели Ѓоко Синадиновски и Боби Јакимовски, па откако извршиле физичко малтретирање на овие лица, ги зеле како заложници и ги однеле во штабот на т.н. ОНА, од каде што потоа им се губи трага и овие лица се водат како исчезнати“, пишуваше во пресудата за Сулејмани.
Сулејмани доби казна од 15 години, а клучна за тоа беше изјавата на сведокот Златко Трајчевски, кој тврдеше дека Илко и Васко му се јавиле на мобилен телефон во моментите кога припадниците на ОНА предводени од Сулејмани пристигнале пред нивната куќа во Дреновец. Сулејмани не бил маскиран, за разлика од останатите припадници на ОНА и, според сведокот, Илко и Васко веднаш го препознале нивниот сосед и за тоа му јавиле на Златко Трајчевски.
Ибраим Сулејмани по изгласаната амнестија минатата година во македонското собрание за хашките случаи, очекуваше да биде пуштен на слобода.
Според изјавата на директорката на Управата за санкции Лидија Гавриловска, Сулејмани починал од природна смрт. Таа информацијата ја добила по направениот увид на медициснската екипа на штипската Брза помош.
Според првичните информации од полицијата на него немало траги од насилство. Телото е предадено на обдукција.