Од 139 основци кои своето основно образование го завршиле во двете делчевски деветолетки, почнувајки од јунскиот се до августовскиот уписен рок, 110 ученици се запишани во гимназијата Методи Митевски Брицо во Делчево. На денешното августовско пријавување до 10 часот се запишаа оние ученици кои ги пропуштија досегашните уписни рокови.
Како што истакна професор Ана Цветковска Среброва во рамки на денешниот упис учениците рамномерно биле распоредени во образовните профили што ги нуди делчевската гимназија.
– Денеска според предвиденото е августовскиот уписен рок. До 10 часот имаме запишано нови ученици кои од различни причини ги испуштиле првичните, со што бројката на вкупно запишани идни средношколци иузнесува 110 ученици. Што се однесува до распределбата на учениците во сите четири подрачја што ги имаме на располагање учениците се рамномерни распределени, истакна Среброва.
За директорот на училиштето Љупчо Прачковски, бројката на пријавените идни средношколци е задоволителна, бидејки по пауза од неколку години, повторно се бележи троцифрена бројка на ученици кои ќе бидат запишани во делчевската гимназија
– Од вкупниот број на ученици кои ни доаѓаат од основното образование од 139 со задоволство можам да кажам дека досега околу 110 се запишани во гимназијата во Делчево, тоа не е мала бројка бидејки од поодамна не ја имаме поминато бројката од 100 ученика што секако е еден чекор напред за нашето средно училиште., рече Прачковски
Во делчевската гимназија „М.М.Брицо“ во учебната 2018/2019 година на располагање имаше места за 272 ученици во осум паралелки. Во прва година според конкурсот беа предвидени пет паралелки или 170 ученици во гимназиска насока, две паралелки или 68 ученици во текстилно-кожарска насока со четиригодишно траење на образованието-насока конфекциски техничар, односно текстилен техничар, една паралелка или 34 ученици во хемиско-технолошка струка со четиригодишно траење на образованието. Резултатите од запишувањето на учениците и распределбата по паралелки ќе бидат објавени на 24 август 2018 година.