Во просториите на делчевската гимназија попладнево го полагаа својот завршен стручен испит лицата вклучени во проектот за општинскокорисна работа со што кандидатите ќе се стекнат со меѓународен сертификат за нега и грижа на стари и изнемоштени лица.
Џулиета Мемедова, координатор на проектот општинскокорисна работа во Делчево истакна дека испитот се одвиваше пред стручна комисија, а со полагањето на стручните испити, овие лица ќе добијат сертификати со што ќе бидат поконкурентни на пазарот на трудот.
– Со ова полагање ние го заокружуваме проектот општоскокорисна работа кој се спроведуваше од септември 2016 година до март 2017 и со кој во Делчево беа вклучени девет лица. Освен во мобилните екипи за грижа за стари лица, беа ангажирани и две лица во Дневниот центар за лица со посебни потреби во Делчево и во кујната во детската градинка и сите пружале услуги на 380 корисници. Проектот финансиски беше поддржан од Општина Делчево и УНДП, а се спроведуваше во соработка со Полиопроект од Центарот за образование на возрасни во Штип, истакна Мемедова.
Билјана Здравева од Полиопроект на Центарот за образование за возрасни од Штип, потенцираше дека вакви обуки се одржани во повеќе општини во државава.
– Ние спроведуваме обуки за возрасни според посебни програми верифицирани од МОН и Центарот за образование за возрасни. Реализирани се повеќе обуки, како и оваа обука која сега кандидатите ја завршуваат со полагањето пред стручна комисија. Ваков проект реализираме во повеќе општини, како Скопје, Радовиш, Кавадарци, Струмица, Кратово и Делчево. За учесниците на проектот самото значење на сертификацијата е големо. Прво, преку проектот за општинско корисна работа, тие ја добија практичната настава, а теоретската настава се спроведе преку посебна програма верифицирана од МОН. Значи, кандидатите ќе добијат сертификати признати и во Европа, истакна Здравева.
Таа додаде дека интересот за стручните обуки е голем, а досега околу 200 кандидати од регионов и Скопје добиле преквалификација или стручна обука.