Во соработка со Агенцијата за вработување на Македонија, програмата за развој на Обединетите Нации УНДП и Општина Делчево, годинава по седми пат се реализира проектот Општинско корисна работа „Да си помогнеме едни на други”. За овој проектот огласот е веќе во тек, а на истиот може да се пријават сите активни баратели на работа.
Според директорката на Агенцијата за вработување во Делчево, Билјана Прачковска, годинава во проектот ќе бидат ангажирани 12 лица, од нив девет треба да ја извршуваат работата на образовни асистенти, еден личен асистент и две лица за нега на деца во дневниот центар.
– Предност ќе имаат млади невработени лица до 29 години, лица корисници на социјална помош, долгорочно невработените и лицата над 50 години. Доколку корисниците на социјална помош се вклучат активно во оваа мерка како даватели на услуга, нема да им биде одземено правото на социјална помош, а ќе ги зајакнат своите вештини што ќе ги направи поконкурентни на пазарот на труд, вели Прачковска.
Евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во Програмата „Општинско-корисна работа“ ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со 20 работни часови неделно, при што за време на работниот ангажман од шест месеци или девет месеци статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица-корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење на социјална помош.
За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во Програмата Општинско-корисна работа се предвидува паричен надоместок во висина од 9.000,00 денари месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување од случај на несреќа при работа и професионално заболување. Минатата година преку оваа мерка ангажманот успешно го завршија сите 15 невработени лица.