Претставници од општинскиот инспекторат, јавните институции и граѓанскиот сектор денеска во Делчево дебатираа на тема „План за комуникација и кампања против диво депонирање отпад“.
На дебатата, која ја организираше НВО „Зелен институт“, активно се вклучи и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој рече дека во Делчево се мапирани дивите депонии кои во соработка со комуналното претпријатие редовно се чистат, но, како што истакна, потребно е да се реализираат повеќе кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
– Во Делчево пред само три месеци во соработка со ЈПКД „Брегалница“ ги чистевме дивите депонии, но и денес да излезете на овие места, повторно ќе видите дека се затрупани со ѓубре. Дивите депонии сеуште ги има кај Попов мост, покрај манастирот Балаклија, Очипалска Река, покрај коритото на река Брегалница, Ралова Чука и скоро во секој ендек во градот. Јас неодамна реков и пак ќе потенцирам, дека не може ниту општинските инспекции, ниту јавното претпријатие секојдневно да одат по нас и да ни го чистат сметот што го фрламе на сите страни. Апелирам за поголема свест на граѓаните, за да си ја сочуваме животната средина и да се гордееме со она што природата ни го дала. Не велам дека не треба и поагресивна улога на инспекциите и на ЈП, но зошто да се служиме само со казни, истакна Трајковски.
Проектот освен во Делчево се спроведува и во Кочани, Општина Кисела Вода и Општина Ѓорче Петров.
– Целта на проектот е граѓаните и институциите да седнат заедно и да дебатираат и бараат решение како да се реши проблемот со дивите депонии и да се преземат активности за отстранување на причините. Првиот чекор во рамките на проектот е мапирање на дивите депонии, вториот е испитување на јавното мислење на населението кое живее во близина на овие депонии, третата активност се дебатите, а четврта активност е креирање локални кампањи за подигнување на свеста на граѓаните, рече Наташа Амдиу, претседател на НВО „Зелен институт“
Советничката од ДОМ во Советот на Општина Делчево, Дијана Јосифовски, спомна дека се мапирани многу диви депонии и тоа на влезот во градот и на секое населено место што не коренспондира со убавата приказна на Делчево. Според неа, граѓаните треба да покажат поголема активност и да ги искористат седниците на Советот кои се отворени за да даваат предлози заедно со институциите да придонесат за решавање на овој горлив проблем, кој ја нагрдува и влијае негативно на животната средина.
Инаку, кампањата против диво депонирање на отпад е поддржана од Министерството за животна средина.