Анализата на информирањето на медиумите за активностите на државните и на локалните власти, две недели пред официјалниот почеток на изборната кампања, покажа дека власта со поддршка на поголемиот дел од медиумите е веќе влезена во изборна кампања односно во поддршка на своите партиски кандидати за градоначалници и советници на претстојните Локални избори 2013.
Во периодот на мониторинг од само пет дена беа најавени и промовирани десетина владини мерки и политики. Иако, овие владини мерки и политики се претставени како економски антикризни мерки, сепак, фактот што тие интензивно се најавуваат во време кога се распишани локални избори, не може, а да не наведе на констатација дека Владата се става во функција на претстојните избори и со помош на провладините медиуми ја засилува поддршката на своите партиски кандидати за градоначалници и советници. Во прилог на оваа констатација оди и информацијата објавена во провладините медиуми дека Владата за само 45 дена, најавила над 50 проекти. Едновремено, како што информираат критичките медиуми, загрижува и практиката на државните и локалните функционери да ги користат службените ресурси (на пример, возила, обезбедување и др.) за партиски цели односно за предизборни партиски активности.
Ваквото поведение на централните и на локалните власти, доколку продолжи и се интензивира и за време на изборната кампања, сериозно ќе го наруши изборниот процес и нема да обезбеди фер и рамноправно учество на сите политички субјекти.
Имајќи го предвид и тоа дека за време на парламентарните избори во 2011, мониторингот покажа дека „Владините институции и владините претставници интензивно и директно учествуваа во изборната кампања. Тие ги компензираа партиите на власт и создадоа дисбаланс на присуството во медумите во корист на владејачките партии. Ова, исто така, укажува на висок степен на слеаност на владејачките партии со државните институции и секако, на злоупотреба и инструментализација на државните функции во корист на партиски цели и интереси.“ 1, препорачуваме државните и локалните власти за време на изборната кампања да се воздржат од каква било (зло)употреба на својата функција во партиски изборни цели.
Анализата покажа дека провладините медиуми, кои доминираат со медиумската сцена во Македонија, претставуваат продолжена рака на пропагандата на државните и на локалните власти во контекст на изборите. Тие афирмативно, пристрасно и некритички информираат за активностите на власта. Од друга страна, нивниот однос спрема опозицијата е селективен и игнорирачки или пак, критички. Имајќи го предвид ова, како и фактот дека и за време на Парламентарните избори 2011, „медиумите се претворија во инструмент на партиските пропаганди“2, опасноста ваквото поведение на провладините медиуми да продолжи и за време на изборната кампања е реално и многу веројатно.
Во пресрет на изборната кампања за Локалните избори 2013 година, која започнува денеска, препорачуваме државните и локалните власти да се воздржат од директно вклучување во изборниот процес, а медиумите да ги почитуваат професионалните стандарди за навремено, објективно и непристрасно информирање.
НВО Инфоцентарот, во рамките на програмата за мониторинг на медиумите „Медиумско огледало“, во периодот од 11 до 15 февруари 2013 година, го анализираше информирањето на медиумите за активностите на државните и на општинските власти, во контекст на претстојните Локални избори 2013.
Во мониторингот беа вклучени шест дневни весници („Утрински весник“; „Дневник“; „Вест“; „Вечер“; „Нова Македонија“, „Фокус“), и централните информативни емисии на седум телевизии со национална и сателитска концесија („24 Вести“; „Канал 5“; „Сител“; „Телма“; „МРТ1“; „Алфа“ и „АлсатМ“).
Во рамките на мониторингот беа анализирани новинарските текстови и прилози кои беа посветени на активности, инвестиции и проекти на државните и на локалните власти, без притоа да бидат земени предвид текстовите кои се однесуваат директно на локалните избори и на кандидатите за градоначалници и советници. Целта на овој мониторинг беше да се детектира евентуалното присуство на скриено пропагандистичко информирање, во функција на локалните избори и промоција на определени политички субјекти.
Мониторингот е финансиски поддржан од Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ).