Владата прво ги репна хонорарците со високи придонеси за задолжително здравствено и пензиско осигурување, за Собранието денеска одеднаш, без никаква најава, да ги укине законите кои ги донесе пред една година и да ги ослободи овие граѓани од обврската. Како што изјави денеска министерот за финансии, Зоран Ставревски, од 1-ви август се укинува обврската за плаќање на придонеси за авторски договори, договори на дело и други договори. Образложението е дека Владата со други мерки ги постигнала ефектите што сакала да ги постигне со сетот на закони во кои беа опфатени примателите на хонорари.
Сепак Владата не реагираше на масовните протести кои се одржаа на крајот на минатата година и во првите месеци од 2015 година, а каде илјадници незадоволни граѓани бараа укинување на одредбите, велејќи дека се неуставни и дека претставуваат озаконет државен рекет. И покрај тоа што за пет месеци граѓаните три пати излегоа на улица, Владата одлучи законите да ги укине дури сега, а коинцидентно или не, само неколку дена по потпишувањето на договорот кој ја оконча политичката криза.
Според дел од јавноста токму ова е сигнал дека власта калкулира со гласовите пред предвремените парламентарни избори што ќе се одржат во април наредната година. Владејачката партија изгледа не може да си дозволи да ги изгуби гласовите на хонорарците.
-Укинувањето го сфаќам веројатно како и многумина, како „предизборно купување гласови“. Но тоа никако не смее да го минимизира влијанието на отпорот кон тие промени – вели претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис.
– Причината за укинувањето е јасна, тоа се изборите закажани за април 2016 година и последниот обид на власта, преку задоцнето додворување кон граѓаните, да „преживее” и покрај катастрофата што и ја приреди на социјална Македонија. Сепак, граѓаните паметат кој им чепка во џебот, кој им гази врз достоинството, кој си игра мајтап со Уставот на Македонија – смета граѓанскиот активист, Марјан Забрчанец.
Според него граѓаните немаа никаков бенефит од измените на законите, на кои институциите не можеа да се прилагодат и да ги применат откако стапија на сила.
-Скриената цел на овие мерки беше да се полни државниот буџет и да се врши хиперрегулација на осиромашениот џеб на хонорарците. Речиси и да не постои граѓанин кој го оствари правото на здравствено осигурување на овој начин, имајќи во предвид дека голем број граѓани уредно доставија месечни пријави за приливите кои се резултат на нивните хонорарни ангажмани, а веќе со месеци не добиваат повратен одговор од ПИОМ и не знаат ниту колкава сума треба да уплатат за пензиско и здравствено, ниту пак кој би бил нивниот бенефит од тоа. Ситуацијата е апсурдна, не постои начин да добиете здравствено осигурување за месеци кои изминале. Наместо бенефити, оние граѓани кои станаа дел од овој систем добија за 20% помали хонорари од сумите кои вообичаено ги добиваа – вели Забрчанец.
Единствената корист од овие закони Чаусидис ја гледа во тоа што придонесе за активирање на граѓанското здружување.
-Да имаше бенефит – ги освести аполитичните и оние кои сметаа дека „законите се некакви глупави прописи кои не не засегаат“, покажа дека не мора да си партиски определен да се бориш за своите права, ја зајакна солидарноста на граѓаните и покажа дека артикулирањето на незадоволство, и во услови на навидум аутистична власт се слуша. Инаку – не..Ова беше еден неуспешен експеримент и добро е што заврши – смета таа.
Не се доволни ниту објаснувањата на вицепремиерот Ставревски кој укинувањето на одредбите го оправда со образложение дека Владата излегува во пресрет на јавноста и граѓаните.
– Мислам дека на мнозинството граѓани им е јасно колку држат вода објаснувањата на Владата и колку се точни наводните причини за ваквите популистички мерки. За начините на кои се води финансиската политика во Македонија слушнавме во бомбите во кои Ставревски и објаснува на Јанкуловска колку е задолжена државата и дека “трошиме на чоколадо, а немаме за леб” – потсетува Забрчанец.
Првиот протест на хонорарците беше одржан на 22-ри декември минатата година, кога илјадници граѓани се слеаја на улиците низ Скопје со паролата „Не за државен рекет“. Вториот протест беше организиран на 12-ти февруари, а за целото тоа време Сојузот на синдикати на Македонија ги поддржуваше законите и двојното оданочување на хонорарците. Граѓаните повторно излегоа на протест 24-ти април годинава и со паролите „Нема да ви платиме“, „Нема правда, нема мир“ доставија до Уставниот суд претставка потпишана од 7.000 граѓани со која се бара укинување на спорните одредби. Уставниот суд се уште се нема произнесено за оваа иницијатива.
Маја Васева