Распаднат кров, искорнат паркет, купишта смет, графити, неподнослива смрдеа. Вака по две децении изгледа вилата на долгогодишниот водач на македонските комунисти Лазар Колишевски.
За него треба да се грижи Службата за општи и заеднички работи при Владата.
Но, иако во реалноста постоел и им бил доверен, тие велат дека случајно го откриле во 2017 година и не знаеле дека го имаат во владение.
Сите во Лазарополе ја знаат вилата на Колишевски. Возрасните ја познаваат како еден од најпретставителните објекти во селото.
Младите знаат чија е, знаат како изгледала и велат дека ни оддалеку не изгледа на тоа што била. Во неа одморал највисокиот државен врв, а сега личи на рушевина.
Кога вилата ќе се погледне од надвор, може да се забележи дека нема прозорци и врати, натстрешниците се распаѓаат, кровот исто така.
Околу неа се расфрлани остатоците од вратите, купишта ѓубре.
Во внатрешните простории, каде што може да влезе секој, останале само гредите и по некоја плочка во тоалетите.
Од 2000 година до денес од неа е однесено сè што е вредно.
Крадците оделе дотаму што успеале да ги откорнат и елементите од талетите. Прозорците кои останале сега се без стакла.
Останат е и стиропорот, кој не можел да се искористи, па не бил украден.
Од објектот сопственост на Колишевски може да се изнесат тони ѓубре. Единствено ново во сите простории се графитите.
Со црни спрејови, по ѕидовите се испишани пароли како „Грци нацисти“, „Зајко беше“, „Бакојани ку*ва“. Цртани се и графити, симболи, петокраки.
„Вистинско чудо е што и керамидите не ги собрале“, коментира жител на Лазарополе кого го затекнавме во близина на вилата.
Од Владата велат дека екипи на Службата за општи и заеднички работи ја посетувале вилата неколку пати, но не прецизираат кога била последната посета.
Имале план за по две децении местото повторно да заличи на вила – но не се реализирал.
„Поради кризата предизвикана од пандемијата, парите наменети за овој проект се пренаменети за други потреби. По нејзиното завршување ќе продолжиме со овој проект, а објектот ќе се користи за протоколарни активности на Владата“, велат оттаму за „А1он“.
Вилата на Колишевски во Лазарополе има приземје, кат и поткровје. Таа е на површина од 490 квадрати и има пет простории на горниот кат, кои некогаш биле апартмани.
Сите со поглед на шумата и зеленилото.
Од вилата сега нема ништо. Објектот е окружен со шума и зеленило, на мирно место, со пасишта.
Според податоците од Катастар, вилата е на парцела од над 390 квадрати.
Според кажувањата на Владата, тие за вилата во Лазарополе дознале во 2017 година, неколку месеци откако дојдоа на власт.
Тие тврдат дека дотогаш не се водела никаква документација за овој објект, а со тоа, немало никаков план за легализација на објектот.