Во вкупно 25 сообраќајни несреќи во текот на изминатите три дена на подрачјето на Град Скопје, 23 лица се повредени, додека со помош на специјалното возило „пајак“ отстранети се 87 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
На 5 февруари, петок, сообраќајната полиција извршила увид на вкупно седум сообраќајни незгоди. Од нив, пет се со последица материјална штета и две се со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле двајца возачи на патничко моторно возило и двајца сопатници.
На 6 февруари, сабота, извршен е увид на вкупно 15 сообраќајни незгоди. Од нив, шест се со последица материјална штета и осум се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле девет возачи на патничко моторно возило, седум сопатници и еден пешак.
Се случила и една незгода со последица тешка телесна повреда во која со тешки телесни повреди се здобил еден пешак.
Вчера, сообраќајната полиција извршила увид на вкупно три сообраќајни незгоди. Од нив, две се со последица материјална штета и една е со последица телесна повреда во која со полесни повреди се здобил еден возач на патничко моторно возило.
Во текот изминативе три дена од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 111 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото. Дваесет и осум возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, 16 возачи не отстапиле првенство на минување на возилата во зона на крстосница, 15 возачи поминале на црвено светло на семафор, како и шест возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин. Санкционирани се и 30 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафор.
Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на овие три дена од страна на сообраќајната полиција отстранети се 87 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Со почеток во 21 часот во СЦ „Јане Сандански“ во рамки на АБА лигата ќе се одигра меѓународен кошаркарски натпревар помеѓу МЗТ Аеродром и Будуќност, Црна Гора. Со цел непречено и безбедно одвивање на оваа спортска манифестација, како и на сообраќајот, од сообраќајната полиција ќе бидат преземани соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а по потреба и пренасочување на сообраќајот.
Од сообраќајната полиција известуваат дека денеска во време од 9 до 13 часот на крстосниците во централното градско подрачје продолжува обуката за физичка регулација на сообраќајот на кандидатите за полициски службеници. Обуката ќе биде реализирана од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај и Центарот за обука при МВР.