(ВИДЕО) Тасева: Зголемен е бројот на граѓаните кои сметаат дека ништо не може да се направи за борба против корупцијата

Од:

Резултатите од истражувањето на Транспаренси Интернешнал како најобемно истражување на глобалното јавно мислење на погледи и искуства со корупцијата наведуваат дека 35 отсто од испитаниците сметаат дека корупцијата е еден од најзначајните проблеми со кои се соочува државата, а само 28 отсто од оние кои дале мито го пријавиле случајот.

-Намален е бројот на граѓаните кои што се подготвени да направат нешто за борба против корупцијата, зголемен е бројот на граѓаните кои мислат дека не може ништо да се направи од страна на граѓаните за борба против корупцијата. Исто така зголемен е бројот на оние кои што сметаат дека силно влијание на политиките и начинот на кои што тие се водат имаат моќните, влијателните и богатите луѓе во што е вклучена и политичката корупција. Неопходно е да се јакне транспарентноста и да се заштитуваат лицата кои што се подготвени да пријавуваат корупција, рече Слаѓана Тасева.

Во однос на истражувањето, Тасева напомена дека политичката корупција е присутна постојано вклучувајќи и во време на изборните кампањи. Според неа, формите во кои се јавува корупцијата за време на избори е во финансирањето на изборните кампањи каде што е постојана практита е финансирањето на кампањите преку поединци и компании кои што после изборите сакаат да имаат влијание и учество на начинот на кои што ќе се водат политиките. Во моќните поединци инвестираат на некој начин преку изборните кампањи за да бидат сигурни дека после изборите ќе имаат глас односно ќе можат да влијаат на начинот на кој ќе се водат политиките, вели Тасева.

-Ова се случува кај нас пред се зошто немаме транспарентен систем за контрола на финансирањето на политичките кампањи. Не се објавуваат имињата на донаторите за политичките партии ниту пак се објавуваат изворите преку кои се финансираат одрени активности во рамки на кампањата а кои што се донации во одреден вид или услуга а не се директно давање на пари, рече Тасева.

Според Транспаренси Интернешенел, владите не прават доволно за борба против корупцијата затоа што поединците кои се на врвот имаат корист од тоа и за да се прекине ова длабока проблематична врска помеѓу парите моќта и корупцијата властите мора да обезбедат поголема транспарентност вклучувајќи ја и транспарентноста во врска со сопственоста на компаниите и обезбедување на јавни регистри за таа сопственост.

Тасева истакна и дека треба да се јакне интегритетот и довербата во институциите, да се овозможи враќање на владеењето на правото, да се одржува отчетноста и да се одржуваат јавните и демократски процеси како и поголем заеднички влог во борбата против корупцијата.

Според Транспаренси Интернешнл еден од одговорите зошто не се пријвува корупција во институциите е стравот на граѓаните кои се плашат од последиците доколку пријават случај на корупција како и недостатокот на владеењето на правото.

Речиси една третина од жителите на регионот веруваат дека нивната влада и законодавците се многу корумпирани, а мнозинството од луѓето велат дека нивните власти не прават доволно за да ја сузбијат корупцијата.

Повеќе од половината жители на земјите на Европската Унија (ЕУ) (53%), земјите кандидати за членство во ЕУ (53%), Заедницата на независни држави (ЗНД) составен главно од поранешни држави од Советскиот Сојуз (56%), рекоа дека нивните држави не успеале да ја спречат корупцијата. Властите во Украина (86%), Молдавија (84%), Босна и Херцеговина (82%) и Шпанија (80%) беа најниско оценети од страна на нивните граѓани.

Транспаренси Интернешнл разговараше со речиси 60.000 граѓани во 42 држави во Европа и Централна Азија во врска со нивните искуства со корупцијата во нивниот секојдневен живот за новиот извештај „Луѓето и корупцијата: Европа и Централна Азија“, кој е дел од Глобалниот барометар за корупција за 2016 година.

Во просек, едно од шест домаќинства платило мито при пристапот до јавни услуги. Иако малку домаќинства платиле мито во повеќето земји – членки на ЕУ, стапките беа значително поголеми на подалечниот исток; највисока беше стапката во Таџикистан (50%), Молдавија (42%), Азербејџан, Киргистан и Украина (38%) и Русија (34%). Романија имаше највисока стапка помеѓу земјите – членки на ЕУ со 29%, а по неа следуваше Литванија со 24%.

Во најбогатите земји речиси двајца од секои тројца граѓани (65%) веруваат дека богатите сограѓани имаат преголемо влијание во политиката, споредено со 44% во земјите кандидати за членство во ЕУ и 46% во земјите од ЗНД.

Во Шпанија 88% од испитаниците одговориле дека богатите поединци имаат несоодветно влијание врз одлуките на владата, во Португалија така одговориле 85%, во Франција 79%, во Германија и во Велика Британија по 77%.

– Корупцијата е значаен проблем во цела Европа и Централна Азија. Во земјите членки на ЕУ многу граѓани гледаат како богатите и оние во власта го извртуваат системот во нивна корист – рече Хозе Угаз, претседател на Транспаренси Интернешнел.

Владите, додаде тој, едноставно не прават доволно во борбата против корупцијата затоа што поединците кои се на врвот имаат корист од тоа.

– За да се прекине оваа длабоко проблематична врска помеѓу парите, моќта и корупцијата, властите мора да обезбедат поголема транспарентност, вклучувајќи и тоа кој ги поседува или контролира компаниите преку обезбедување на јавни регистри на сопственост. Тешко е да се променат корумпираните елити и олигарсите преку нивната позиција на врвот на пирамидата на моќта. Сепак, знаеме дека тоа може да се направи ако луѓето се обединат во барањата за повисоки стандарди од нивните лидери и ако судството делува независно и ги држи отчетни – рече Угаз.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Тасева: Само со политика и декларативност не може да се промени состојбата со корупцијата

Ана Ололовска

Македонија најлошо рангирана досега според индексот на корупција на Транспаренси интернешнл

Ана Ололовска

Извештај на Транспаренси интернешнал за заробеноста на државите од Западен Балкан и Турција

Ана Ололовска

Конкурс за изработка на истражувачки стории од областа на корупцијата и владеење на правото

Ана Ололовска

Транспаренси Интернешнел Македонија поднесе кривична пријава до ОЈО во врска со незаконски исплати од Агенцијата за филм

Ана Ололовска

Транспаренси Интернешнел Македонија со поддршка на омбудсманот за заштита на човековите слободи и права во постапките во ЈО

Ана Ололовска