„Сериозно загрижувачки се статистиките за смртноста на деца во изминатите шест месеци. Во втората половина на 2024 година, починале 19 доенчиња и едно петгодишно девојче. Овие трагични бројки отвораат многу прашања за кои јавноста заслужува одговори. Зошто и како се направени пропустите, каде затајува системот, дали се штитат лекарски грешки? Особено алармантен е последниот случај со смртта на седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести, кое било одбиено за хоспитализација, без да се издаде никакво образложение за причините. Ова е втор ваков случај за само два и пол месеци на Клиниката за детски болести, по трагичната смрт на 14-месечно бебе, кое исто така беше одбиено за болничко лекување. Понатаму, бебе старо само 8 дена донесено од Струмица во многу лоша здравствена состојба, почина од сепса и уште други трагични случаи“ рече денеска на прес-конференција Рената Младеновска, членка на ИО на СДСМ.
Според неа, „Овие бројки и случаи во здравствениот систем, особено случувањата на Клиниката за детски болести, не смеат да се игнорираат. Во јавност видовме дека надлежниот инспекторатот во одредени случаи покренал постапки и изрекол казни, но реакциите се задоцнети, тоа не е доволно. Ниту една казна не може да го врати животот на едно дете! Паричната казна за Клиниката за детски болести и за директорот на клиниката не доволно за тоа што се случува на оваа клиника“.
„Министре за здравство Таравари, се работи за деца, ова се трагични бројки, заедно со директорот на Клиниката за детски болести Мемеди, треба излезете и да си поднесете оставки. СДСМ инсистира на темелна истрага, целосна транспарентност и преземање на сериозна одговорност. Потребни се подлабоки анализи и превентивни мерки. Не можеме да чекаме да умираат деца за потоа да реагираме! Ги повикуваме Министерството за здравство и сите надлежни институции итно да преземат мерки за превенција на ваквите трагедии. Здравјето и животот на најмалите мора да биде врвен приоритет во секој здравствен систем“ порача Младеновска.