Втор ден по ред претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбр Адеми ја прекинува работата на Комисијата по 30 минути со шибицарски трик.
Дава пауза од еден час, а потоа не продолжува со работа, спротивно на сите деловнички одредби. Имено, јавноста треба да знае дека сите процедури на оваа Комисија се носат по скратена постапка, со три дена дебата, а вкупно на вториот ден од работа, оваа Комисија не работи повеќе од 60 минути кумулативно кога ќе ги соберете двата дена, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
– Ние ги повлековме нашите амандмани и ги извадивме на чистина со нивниот интерес, а тоа е само шверцерско протнување на овој закон кој што единствено за цел има криминални дејствија кои што треба да бидат легализирани. Вреди и да се напомене дека одбија и амандмани поднесени од мнозинството кои што за волјата на вистината имаа за цел да ги дорегулираат одредбите кои што ги регулираат издавањето на лиценци, една од најспорните одредби на овој поднесен закон за игри на среќа. Бегаат од дебатата, да не види јавноста каков криминал протнуваат.
Ќе кажам само три од најспорните одредби кои што овој закон ги легализира. Мултиплицирањето на лиценците и давање лиценци на компании во кои што Управни и Надзорни одбори членуваат лица од Кабинетот на Артан Груби. Дозволување на онлајн коцкање, кое што коцкањето ќе го доближи во дневните соби, во училниците и на сите места без разлика што се кријат зад одредбата дека овој закон ги одалечува коцкарниците од училиштата. И третата, една од најспорните одредби е тоа што за секој простор кој што треба да биде употребен за организирање на игри на среќа ќе треба да даде потврда министерството за финансии, повторно институција предводена од Демократската унија за интеграција.
Ја повикувам целата меѓународна заедница да ги види сите злоупотреби кои што се случуваат во Комисијата за европски прашања од сите аспекти. Од почетокот на процедурата, со ставање на европско знаменце на овој закон до овој момент каде што се кршат сите одредби од Деловникот. Тука сакам да известам дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за „Обнова на Македонија“ писмено ќе ги извести сите амбасади во Република Македонија за оваа злоупотреба и за овој нов криминален срам кој што се нанесува на Република Македонија – рече Стојаноски.