Систем од компании подолг период црпеле пари по основ на поврат на ДДВ со фиктивни фактури и го оштетиле Буџетот за милиони. Во мрежата од компании кои испумпале милиони често се менувале одговорни лица и сопственици. Во поголем број од случаите истите се лица кои што се од наши соседни земји и кои тешко се лоцираат. Буџетот е оштетен, а државата тешко без кривично гонење ќе може да ги поврати исплатените милиони, бидејќи компаниите преку кои се штанцани фиктивните фактури и се испупмани пари немаат имот за од истиот да се наплати долгот, изјави Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
– Со жалење констатираме дека системот на контролен механизам во институциите е нефункционален, а тоа го потврдуваат случаите минатата година процесуирани од обвинителство за фиктивно фактурирање и злоупотреба на службена положба. Криминалните мрежи преку фиктивна документација како и фиктивни фактури и фиктивна евиденција, го исцрпуваат даночниот потенцијал од Буџетот, а сведоци сме дека државните институции кои се задолжени да го контролираат истото изминатите години немаат преземено никакви мерки.
Симптоматично е и тоа што до сега не се преземени дејствија со кои ваквите случаи ќе бидат спречени и условите за вакви криминални дејства ќе се доведат на минимум, а не сега кога веќе се испумпани милиони по основ на поврат на данок од Буџетот со контролите да се покаже слика дека институциите делуваат на сузбивање на криминалните мрежи. Прашање е уште колку милиони од платени даноци од граѓаните се исцрпени од криминални структури и зошто не се создадени системи кои ова ќе го спречат? За познавачите на даночната политика е сосема јасно дека ваков систем не можел да функционира со или без УЈП. Челници од Управата или знаеле и молчеле за целиот случај или целосно го девастирале системот и немаат увид. Никогаш не било полошо. Затоа е важно да ги поразиме – рече Стојаноски.