Во Министерството за внатрешни работи, согласно со нашите приоритети за кадровско, но и адекватно стручно екипирања на институцијата, по подолг период годинава се вработуваат триесетина ваши колеги, образувани и во вашата институција, убедени дека нивната стручна и образовна подготвеност ќе бидат важен инпут во севкупното поквалитетно работење на МВР, рече министерот Оливер Спасовски во своето обраќање на првиот академски час на Факултетот за безбедност.
„Со таквата политика во делот на кадровско и стручно надградување на Министерството за внатрешни работи ние нема да запреме туку напротив ќе продолжиме и во наредниот период“, потенцира Спасовски.
Од аспект на овие млади луѓе овде, додаде тој, коишто средношколските клупи денес ги заменуваат со академските амфитеатри, ова е почеток на нова, да се изразам послободно, образовна авантура, во којашто се нуди еден уште повисок степен на лична наобразба, култура и воспитание, што, пак, во подоцнежниот нивен живот ќе го претставува оној фундамент суштински во развојот на професионалниот живот и кариера.
„На крајот сакам да го истакнам уверувањето дека многумина од вас ќе го најдат своето место во општеството, притоа давајќи го својот максимум како во име на сопствените амбиции и надежи, така и во име на потребата за брз и динамичен развој на нашата држава“, рече Спасовски.