Откако утрово во редакциите на весниците на МПМ, Утрински, Вест и Дневник и другите изданија, осамнал оглас на управата дека ќе се кратат платите, а можни биле и отпуштања, новинарите излегоа пред зградата протестирајќи против овие решенија.
Особено што образложението на управата дека мерките се резултат на економската криза во државата.
Според одлуката на управата на МПМ платите ќе се кратат времено, во рок од 6 месеци.
На вработените што земале плата од 12 000 до 30 000 денари чќе земаат 10 отсто помалку, тие што земаат од 30 000 до 60 000 денари ќе имаат намалување од 20 отсто, а на тие што имаат плата над 60 000 денари ќе им се намали за 30 отсто.
Протестираме затоа што со ваквите мерки повторно се загрозуваат професиналноста и економската сигурност на новинарите, рече Тамара Чаусидис, претседателка на ССНМ
– Ние протестираме бидејќи сметаме дека во земја, која успеа да ја надмине глобалната економска криза и која постојано ни е презентирана како лидер во успешните реформи, не би требало да се случи да добиваме одлуки за намалување на платите на работниците заради економска криза во земјава. Платите на нашите колеги од весниците и без оваа штуро соопштена одлука, се најмали во регионот, кои се економски и социјално несигурни. Оваа одлука дополнително ќе го зголеми врз новинарите и медиумските работници, ќе ја зголеми нивната ранливост, економска, социјална, политичка и професионална, рече Чаусидис.
Синдикатот редовно се информира по донесените одлуки и не бил консултиран, иако ССНМ дал предлози како да се надмине проблемот, а тоа да не се одрази врз оние кои ја произведуваат содржината што се продава на пазарот.
– За жал нашите предлози беа игнорирани, за оваа одлука дознавме од нашите синдиклани претставници. Вработените во Медиа принт Македонија не заслужуваат дополнително намалување на платите, не заслужуваат егзистенцијална несигурност, бидејќи не станува збор само за намалување на плати, ако прочитавте внимателно, се говори за систематски и структурни промени. Тоа, во кулуарите, веќе се разбира како можни отпуштања, додаде Чаусидис.
Таа повика на солидарност со колегите од весниците на МПМ.
Александра Стојановска од синдикатот на вработените во „Вест“ рече дека по сите понудени решенија за надминување на кризата во фирмата се одбрало да се намалат платите на вработените и да се остави простор и за нови слични мерки.
– Зошто економскава криза сега не погоди, не знаеме, има различни претпоставки, од тоа дека мотивите се политички или некои други, но без оглед на тоа, новинарите секој ден во 12 часот ќе бидат пред просториите на МПМ за да го изразат своето незадоволство, рече Стојановска.
На новинарите на денешниот протест им се придружија и главните уредници на Вест и на Утрински весник.
А.Б.