Министерот за внатрешни, Оливер Спасовски преку наредби без распишан оглас назначувал лица на работни места за кои не исполнуваат законски услови односно немаат соодветно образование, обвини Антонио Санев поранешен началник на одделението за меѓународна соработка во Секторот за Европска унија при МВР.
– Оваа ситуација кореспондира низ целото министерство, не се огласуваат работните места за слободни, лично министерот си одбира луѓе кои немаат соодветно образование. Лица со средно образование се назначуваат за началници, вели Санев.
За овој случај Санев испратил преставка до министерот Спасовски и внатрешната контрола на МВР од каде било констатирано и потврдено дека одредено лице извршува функција за која нема соодветно образование. Но, и покрај тоа, секторот за внатрешна контрола не преземала ништо образложувајќи дека немаат надлежност за постапување по одлуки на министерот.
-Доколку не се преземат мерки ќе си поднесам отказ од ова неминистерство за внатрешни работи, ова е „врв“ на се што се случува во министерството. Го повикувам јавното обвинителство да преземе мерки по овие случувања во МВР. Мора да се стави крај на сето ова, вели Санев.
Тој изнесе еден конкретен случај во врска со неговите обвиненија. Се работи за лицето Даниела Ристиќ која од функцијата самостоен аналитичар во ОКРА при Регионалниот центар за гранични работи Север преку нетранспарентна постапка била поставена за в.д. Началник на ОКРА во РЦ за ГР Север.
Несфатливо е зошто упразнетото место началник на ОКРА во РЦ за ГР Север не е огласено со што на вработените во овој оддел не им е овозможено да конкурираат во законска и транспарентна постапка за оваа позиција, вели Санев.
Тој побара увид во списите и документацијата на МВР на јасен и недвосмислен начин да се утврди какво образование поседува Даниела Ристиќ и доколку се утврдат сомненијата за непоседување соодветно образование надлежните служби да постапат согласно законските надлежности.
Виктор Јованов