Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност, отвори прашања за процесот на преземање на банката од страна на Алта банка Белград, репутацијата на нејзиниот сопственик и проверките што ги направила Народната банка пред да ја издаде согласноста.
Лукаревска на гувернерот Трајко Славески му презентираше видео од телевизиска дебата, за кое рече дека го виделе околу половина милион луѓе.
„Половина милион луѓе го виделе ова видео и слушнале од телевизиска дебата дека името Алта доаѓа од Александар Вучиќ и Тамара, неговата втора сопруга, верувам сте го виделе и вие“, му рече Лукаревска на Славески.
Таа ја оспори согласноста што ја издала Народната банка за купување на тогашната Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка АД Белград, оценувајќи дека постојат сериозни сомнежи во однос на репутацијата на сопственикот и исполнувањето на законските услови.
„Имате издадено согласност за купување на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка АД Белград на лице кое не поседува репутација, со што се загрозува сигурноста на банката, кршејќи го Законот за банки“, рече Лукаревска.
Таа се повика и на постапувањето на Европската централна банка во врска со поврзани лица на сопственикот на Алта банка. Според неа, во август 2024 година биле изречени мерки за одземање на управувачките и гласачките права во Адико банка, како и парични глоби и забелешки во однос на транспарентноста на сопственоста и потеклото на средствата.
„Решението за купување на Стопанска банка АД Битола е ваша одговорност во загрозувањето на работењето на банката спротивно на закон, спротивно на забелешките од австрискиот надзорен орган на финансискиот пазар“, нагласи Лукаревска.
Пратеничката го отвори и прашањето за информациите за приведувањето и истрагата против официјалниот сопственик на Алта банка, Давор Мацура, за кого рече дека е и член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола.
„Официјалниот сопственик на Алта банка, Давор Мацура, е приведен во Србија, има истрага, се споменуваат 380 милиони евра, а тој е воедно и член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола. Дали проверивте кој е вистинскиот сопственик на Алта банка?“, праша Лукаревска.
На обвинувањата и прашањата на пратениците одговараше гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој информираше дека состојбата во Алта банка е значително стабилизирана и дека се очекува во релативно краток период да се најде нов сопственик, со цел банката да продолжи да работи и да се избегне стечај.
Славески најави дека од утре компаниите кои имаат сметки во Алта банка Битола ќе можат да ги исплаќаат платите и придонесите за социјално осигурување кон Управата за јавни приходи.
Тој објасни дека првично определениот лимит од 10.000 денари за повлекување средства на граѓаните бил утврден врз основа на почетната проценка и ликвидноста на банката. Од оваа недела лимитот е зголемен на 15.000 денари, додека корисниците на социјална помош во целост ги добиле своите средства.
„Исто е и со пензионерите, кои имаат на располагање значителен дел од пензиите“, истакна Славески.
Во однос на финансиските текови меѓу Македонија и Србија, гувернерот рече дека од 25 октомври, односно по изборите во Србија, до воведувањето на мерката за ставање на Алта банка Битола под администрација, од Србија преку Алта банка во Македонија биле префрлени само 16.000 евра, додека од Македонија кон Србија биле одлеани 180.000 евра. Според него, станува збор за трансакции поврзани со редовното работење на клиентите на банката.
Славески презентираше и податоци за вкупните трансакции меѓу клиентите на банката во двете земји. Во 2025 година тие изнесувале 2,2 милиони евра, додека во 2026 година, заклучно со октомври, достигнале 6,2 милиони евра.
Одливите од Македонија кон Србија изнесувале 5,3 милиони евра во 2025 година, а 7,2 милиони евра до октомври 2026 година.
„Овие трансакции се поврзани со редовното работење на банката“, рече Славески.
Осврнувајќи се на процесот на преземање на тогашната Стопанска банка Битола од страна на Алта банка Белград, гувернерот рече дека Народната банка ги спровела сите законски предвидени проверки и го искористила максималниот рок од три месеци за одлучување по барањето.
Тој посочи дека анализите биле спроведени на четири нивоа и дека оценката на критериумите се темелела на официјално прибавени документи од надлежни домашни и странски институции.
„Народната банка има со закон утврдени надлежности и обврски кога станува збор за давање согласност за лиценцирање банка. Во случајот со Алта банка Битола беше искористен максималниот рок од три месеци и на четири нивоа се вршеа анализи на барањето за купување акции. Оценката на критериумите се изврши врз основа на официјално прибавени документи од надлежни институции“, рече Славески.
Тој додаде дека во процесот биле утврдени идентитетот на подносителот на барањето, сопственичката структура и крајниот сопственик, а била остварена и директна комуникација со надлежните домашни и странски органи и институции.
Според Славески, биле направени и проверки преку меѓународни глобални платформи за евентуална поврзаност на лицата кои учествувале во постапката со сомнителни трансакции.
Гувернерот нагласи дека подносителот на барањето за стекнување акции и преземање на тогашната Стопанска банка Битола немал забрана за вршење дејност.
Тој посочи дека Народната банка на Србија, од која биле побарани информации, доставила писмено известување во кое, според Славески, не била изразена загриженост во однос на законитоста на работењето на акционерот, ниту во однос на неговата способност и подобност за вршење на дејноста.
„Средствата за купување се од редовното работење на Алта банка Белград, кои се претходно проверени и верифицирани од независни ревизорски куќи и детално погледнати од наша страна. Поголем проблем беше сопственичката структура на Стопанска банка АД Битола“, потенцираше Славески.
Надзорната расправа продолжи со прашања од пратениците Сања Лукаревска, Ели Панова, Сашко Јанчев, Фериде Хаџиу и Павле Арсоски за околностите под кои беше одобрено преземањето на банката, постапувањето на Народната банка и последиците од воведувањето администрација врз клиентите и работењето на банката.
