Дел од граѓаните кои започнаа со протести од 5-ти мај пред Владата продолжуваат со својата стратегија да се собираат во истиот термин секој ден пред Владата се додека не се исполнат барањата за оставки и распуштање на владејачката гарнитура.
Неформалното движење „Протестирам“ го поддржа и се приклучи на вчерашниот сенароден собир зад кој стои коалицијата „Граѓани на Македонија“, но и понатаму ќе се труди да ја задржи својата автентичност.
– Она што не разликува е хроизонталноста во нашето одлучување и структурата на ова движење. Најразлично од другите граѓански иницијативи е слоганот „секој ден во шест“ додека не се исполнат нашите барања. Вчерашниот протест го поддржавме затоа што во барањата имаме иста цел, да падне владата, да се поднесат оставки, но и одговорност, а институците да се отворат за граѓаните – изјави Марија Матовска.
Таа повтори дека едно од основните барања на движењето е да се ослободат притворени активисти кои завршија во притвор по протестот на 5-ти мај. Како што рече таа, упорните граѓани ќе продолжат со овој протест се додека не се задоволат нивните барања, а останува избор на секој од нив да се приклучи на отворениот камп пред Владата.