Затворениците не добиваат соодветна терапија, а постои одреден круг на затвореници кои што се привилегирани, обвинува извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска. Таа вели дека во затворите има толкава корупција што може да се купи се, од мобилен телефон до условен отпуст.
– Она што го добиваме како информација од затворениците и нивните смејства се дека не само што не им се обезбедува храна од затворот, туку приборот за јадење мора да им го обезбедуваат нивните семејства. Притоа има и келии во кои казната затвор ја одржуваат 35 луѓе со само еден тоалет. Секогаш кога сме барале податоци за здравствената состојба на осудениците се провлекува податокот дека голем број од нив имаат хепатит б, хепатит ц, голем број од нив се зависници, притоа не добиваат соодветна терапија ниту пак исхрана, вели Пировска.
Таа истакнува дека иако затворот има капацитет за 900 лица, во него моментално казната ја одржуваат 1800 осуденици.
– За жал, Хелсиншкиот комитет за човекови права од 2006 нема право да влезе ненајавено во затворите, што значи дека не можеме директно да ги утврдуваме условите во кои тие ја одржуваат казната затвор, единствено што можеме да направиме е да оствариме средба со осудено лице кое побарало да биде посетено од Хелсиншкиот комитет, вели Пировска.
Таа кажа дека иако затворениците по одлуката на Иванов за аболиција најавиле протест, тој не се одржал бидејќи во затворот се вршел активен притисок дека доколку протестираат нема да ја добијат погодноста да излезат за викенд.
– Политичките затвореници особено ги трпат казнените политики од затворската установа, типичен пример за тоа е Љубе Бошкоски, кој што за 20 дена треба да излезе од затвор, а не искористи ниту еден викенд. Директорот има право да пушти затвореник пред истекот на казната затвор дури и 3 месеци доколку имал добро поведение. Според нашите информации, тој имал одлично поведение, вели Пировска.
Александар Тодески