Еден од организаторите на протестот „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски пред да почне туркањето побарал од новинарот на ТВ24, Христијан Баневски да се тргне за да не биде повторно повреден.
– Дамовски единствено мене од сите новинари кои беа присутни пред бината ми се обрати со заканувачки тон. Ги бираше зборовите, рече „Те молам тргни се за да повторно не бидеш повреден“, а тоа беше саркастична порака за тоа што мене ми се случи и што можеше да биде многу посериозно, вели Баневски за А1он.
Баневски беше нападнат и во петокот, кога го удрија со стап од знаме по тилот од главата. Овие два инциденти не се единствени на протестот „За заедничка Македонија“. Претходно, нападната беше екипа на А1он, а потоа беа упатени пцости и навреди кон екипа на телевизија Телма.