Традицијата на бадникувањето во Скопје продолжува и покрај ситуацијата со коронавирусот, водејќи сметка за сите заштитни мерки и протоколи, соопшти денеска Одборот за традиционална прослава на бадник во Скопје, којшто веќе ги прави подготовките за Бадник 2021. Кум на манифестацијата годинава ќе биде проф. д-р Никола Ппановски, а здравичар проф. д-р Миодраг Врчаковски.
Мојсо Мојсовски, од Одборот за традиционална прослава на Бадник во Скопје во снимените изајви што беа дистрибуирани до медиумите истакнува дека бадникарската прослава ќе се одвива под строгите правила за заштита и движење и однесување, но оти за деталите ќе информираат пред одржувањето на настанот.
– Бадникот го набравме, не во таа количина колку што сме береле друг пат, но го има доста. Информација од права рака е дека нема да има делењето во дворот на Храмот „Климент Охридски“ туку на двата влеза, на главниот влез на црквата и на тој од страната на Камбанаријата, рече Мојсовски.
Кум на Бадник 2021-ва е професор д-р Никола Пановски, здравичар проф. д-р Миодраг Врчаковски.
– Сакам да ги запознаат граѓаните како обични граѓани на Скопје, минувачи, како обични капачи на Вардар, шетачи во парк, качувачи на Водно. За Кумот знам дека вози „точак“, по скопски. Здравичарот го познавам од порано, колеги сме по микрофон, рече, меѓу другото, Мојсовски.
Бадникарскиот кум Пановски се заблагодари за поканата, потенцирајќи дека е чест да застанеш меѓу скопските и македонскиот великани кои биле кумови или здравичари на традиционалната манифестација која во изминатите 29 години стана еден од белезите на нашиот град.
– Поканата веднаш ја прифатив, иако не сум ни сонувал дека ќе се случи ова. Во изминативе два месеци се запознавме со прекрасни луѓе, од млади до највозрасни, рече Пановски.
Тој верува дека заедно со Врчаковски ќе станат дел од ова семејство, како и други кумови и здравичари, луѓе хуманисти, стопанственици, врвни интелектуалци, уметници.
– Ние сме сите народни луѓе и мислам дека и затоа лесно се сплотивме. И уште поголема радост, не го знаев една недела здравичарот. Се очекуваше дека ќе биде доктор, но не очекував тоа да биде мојот брат Миодраг Врчаковски, рече Пановски.
Тој нагласи дека неговата функција ќе биде двојна на манифестацијата, освен што е кум, ги подготвува и мерките од здравствено-безбедносен аспект.
– Како што чувте ќе има многу ограничувања, но ќе има една многу достоинствена манифестација во склад со моменталната состојба. Се уште, за жал, не е време за славење, да не пребрзаме, а да биде целосно безбедна од здравствен аспект. Се надевам дека граѓаните ќе ја прифатат оваа реалност и заедно со нашата Македонска православна црква традицијата ќе помине без ризик од зараза, достоинствено, како што прилега на актуелната состојба, рече Пановски.
Во изјавата за медиумите тој исто така сподели дел од своите сеќавања за старо Скопје и животот на скопјани.
Миодраг Врчаковски изјави дека воопшто не претпоставувал дека тој ќе биде токму здравичарот оваа година кога на телефон му се јавил пензионираниот новинар на Радио Скопје, Марко Илковски.
– Сакам да ја споделам мојата огромна благодарност што Одборот за овој своевиден, можам да кажам Бадникарски оскар токму мене ми ја додели таа улога. Денес, оваа манифестација е традиција и симбол на мисијата на добра волја, благородна, хумана и обединувачка акција која ја изведува еден прекрасен уигран тим во која секој точно си ја знае својата улога и задача, рече Врчаковски.
Одборот најавува дека навремено ќе ги информира граѓаните за изменетиот амбинет и содржини на 29-та средба на Бадник во пресрет на Божиќ.