Со едноставна проверка се редат примери. Само на една иста адреса во Штип запишани се вкупно 15 лица. На друга адреса во Штип запишани се 22 лица. Jавноста секојдневно се запознава со тоа за каков Избирачки список станува збор, полн со фантомски гласачи, рече Владимир Милошев, претседател на ОО СДСМ Штип.
Непостоечки влезови, непожелни „гости“ во домови на граѓаните, регистрирање на стотици граѓани на една адреса, се само дел од недостатоците на избирачкиот систем коишто секојдневно излегуваат на виделина.
Се потврдува она што СДСМ го говори цело време, дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски организирале криминални избори, преку корупција, фантомски гласачи и злоупотреби на државните институции.
Овој хаос мора да престане, ДИК мора да обезбеди целосно прочистување на избирачкиот список, за да во Македонија важи правилото еден човек-еден глас.
Ги охрабруваме и повикуваме граѓаните активно да се вклучат во процесот на прочистување на избирачкиот список.
Секој граѓанин може да изврши увид во избирачкиот список којшто е достапен на официјалната веб страница на Државната изборна комисија и да го искористат законското право да ги пријават неправилностите.
Само со широка граѓанска иницијатива и вклученост на секој поединец можеме да обезбедиме прочистување на избирачкиот список а со тоа и да обезбедиме услови за фер и демократски избори.
Граѓаните се тие коишто ќе одлучуваат за иднината на својата земја на фер избори.
Во Македонија мора да има и ќе има слободни, фер и демократски избори, со прочистен избирачки список и слободни медиуми.