ВИДЕО: Македонците стравуваат да не станат сајбер – жртви, а не знаат ни каде да се обратат во случај на измама

Од:

Лековерноста на македонските граѓани дека преку наградни игри ќе добијат пари, телевизори, велосипеди, автомобили, без притоа да ги пресметаат ризиците од споделувањето на личните податоци, ја покажува ниската свесност за безбедноста во интернет – просторот, но и ниското ниво на дигитална писменост, правејќи ги лесна цел на сајбер -криминалците.

Од 2019-та година, со почетокот на ковид – 19 кризата, карантините и локдауните го поттикнаа користењето на интернетот многу почесто од претходно. Од другата страна на екраните, пак, зачестија обидите за измами на граѓаните преку лажни наградни игри. Тогаш се регистрирани и најголемиот број пријави до Дирекцијата за заштита на лични податоци и МВР. Од година во година, нивниот број се намалува, но, трендот со креирање „Фејсбук“ страници со лажни наградни игри со цел да се собрат личните податоци на граѓаните трае со несмален интензитет.

Како да се препознаат лажните наградни игри?

„А1он“ консултираше експерти во областа на заштитата на личните податоци – како граѓаните да направат проверка за да се уверат во вистинитоста на Фејсбук – страниците кои ги мамат да им ги споделат личните податоци?

Разлики меѓу вистинска и лажна „Фејсбук“ страница

Во принцип, страниците кои спроведуваат лажни наградни игри ги следат едвај стотина луѓе и тие се нови, без никакви други постови. Наспроти нив, официјалните фан пејџови на големите брендови се следени од стотици илјади граѓани и имаат многу подолга историја на објави. Дополнително, „Фејсбук“ страниците на компаниите имаат сина значка до името, која потврдува дека се работи за оригиналната страница, гарантира дека истата е верифицирана и припаѓа на соодветниот бренд. Ако сметаат дека е потребно, граѓаните е пожелно да ја контактираат и компанијата.

Генерално, овие параметри ги користи и Фондацијата „Метаморфозис“ која во соработка со „Фејсбук“ ги проверува и ги оценува лажните наградни игри како невистинити.

„Ние можеме конкретна содржина да обележиме како невистинита и тоа е многу ограничувачко. Колку подолго стои, се’ повеќе луѓе откриваат дека е невистина. Авторите мора сами да ја повлечат, но, не им проблем да направат нова. Може и „Фејсбук“ тоа да го направи, бидејќи тоа е спротивно на стандардите на заедницата, не смеете да креирате страници за да мамите луѓе. Но „Фејсбук“ тоа треба да го утврди, треба да биде сигурен. Тој процес кај нив трае уште подолго. Во меѓувреме, тие сами ги бришат страниците“, објаснува Владимир Петрески од Фондацијата „Метаморфозис“.

Според Петрески, измамите претходно биле во помал обем, но, сега, се повеќе стануваат масовни и измамите се прават на поголемо, индустриско ниво.

„Таму вие треба да наведете име презиме, адреса, е мејл адреса и тие лични податоци се продаваат на брокери со податоци. Но, тоа е професија која е легитимна на Запад, луѓе тргуваат со комерцијални податоци ги продаваат на маркетинг агенции и други фирми кои имаат потреба од промоција. Не знам колку кај нас е развиена, можеби е во зачеток. Се’ во ред ако податоците се добијат на легален начин. Во овој случај, не се добиени на легален начин и станува збор за измама. Сите оние кои ќе остават податоци на таа лажна наградна игра потоа ќе бидат преплавени со мејлови, со комерцијални пораки со уште повеќе реклами. Ова е на индустриско ниво, тука се вмешани поединци, групи, тие страници ги има нон – стоп“, објаснува Петрески.

Дигиталните вештини каскаат, дигитализацијата ита

Граѓаните ги користат социјалните медиуми како сервис за да остварат некаква цел. Заштитата на личните податоци потекнува првенствено од самите себе, како вештина и капацитет. Но, за максимално да се самозаштитат, треба да ги зајакнат и дигиталните вештини, смета Лилјана Пецова – Илиеска, програмски директор на невладината организација „Импетус“.

Според Пецова – Илиеска, сајбер – криминалот во последните неколку години е тренд, а најголемото „богатство“ се личните на податоци или сетови на податоци кои можат да покажат одрдена категоризација на луѓе, профили и се’ она што може дополнително да се злоупотреби. Во минатото, како таков пример го посочува „Кембриџ аналитика“, во контекст на изборен процес, случај во кој беа собрани личните податоци на луѓето и подоцна се профилираа на одредени целни групи.

„Ќе треба време да помине за времето на дигитализација и дигиталните вештини да ги услогласуме. Ние одиме напред со дигитализација на одредени услуги, но дигиталните вештини, дигиталната писменост е на многу пониско ниво. Треба да има комплетен механизам за пријавување на ваквите инициденти. Каскаме како со формалното, така и со неформалното образование, од една страна во делот на објаснување на што значи дигитализацијата како процес, колкава е нашата улога и како поединци и како организации, но, и кој и каква улога има како институции во рамки на спроведување на кампањи за зголемена свесност“, посочува Пецова – Илиеска.

Меѓу ризикот од недоволна информираност за ризиците до сајбер – жртви

Секој втор Македонец ја наведува злоупотребата на личните податоци како причина која најмногу ги загрижува при користењето на интернетот како и недоволната информираност за ризиците од сајбер – криминалот. Граѓаните како доминантен извор за информирање за сајбер безбедноста го практикуваат интернетот, а огромен е процентот на Македонци кои не знаат или сметаат дека не постои веб страница, адреса или број во државата каде можат да пријават сајбер – криминал и нелегални интернет активности. Само една третина од испитаниците смета дека може доволно да се заштити од сајбер – криминал. Околу 15%, пак, се изјасниле дека биле жртви на сајбер – криминал или онлајн вознемирување.

Овие резултати од испитување на јавното мислење се дел од извештајот на Агенцијата за електронски комуникации и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти МКД – ЦИРТ, кои во периодот од 14 – 28 септември 2022 година, спроведоа теренска анкета на 1 400 граѓани во врска со сајбер – безбедноста.

Анкетата покажува дека безбедноста на интернет е поголема кај помладите генерации и оние со повисок степен на образование. Праксата, пак, според пријавите во институциите – МВР и Дирекцијата за заштита на личните податоци, покажува дека најлесна мета на измами се постарите луѓе.

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Врие од лажни наградни игри, а МВР тешко им влегува во трага на измамниците

Петар Клинчарски

(ВИДЕО) Лажни наградни игри – кликот за „бесплатна награда“ води до злоупотреба на личните податоци

Петар Клинчарски