(ВИДЕО) Исмаил: Славески е тежок антиработнички елемент и ексминистер кој издал најскапа еврообврзница

Од:

На вчерашната седница на која неколку минути пред полноќ, со поддршка од владејачкото мнозинство беше изгласан Трајко Славески за нов гувернер на Народната банка, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, во својот говор се осврна на досегашната работа и интегритетот на Славески.

Исмаил оцени дека е „дегутантно“ воопшто да се зборува за Славески како непартиски кадар, истакнувајќи дека тоа е завршено прашање и јасно за сите. Тој се осврна на фактите кои, како што рече, никој не ги оспорува – неговото конкретно дејствување и резултатите од функциите што ги обавувал.

„Колегите што денеска нè задолжија со шест милијарди евра, се истите тие што го протежираат Славески како експерт, а истиот тој Славески во Советот на Град Скопје ја саботираше одлуката за задолжување за набавка на автобуси. Каква е оваа контрадикција?“ – праша Исмаил.

Пратеникот од Левица го анализираше Славески од два аспекти: меритократија и интегритет. Посочи дека како министер за развој, Славески бил на функција во време кога невработеноста достигнувала 30%, се спроведувала екстремна приватизација, а економските параметри биле во слободен пад. Како министер за финансии, според Исмаил, Славески бил „антиработнички елемент“, воведувач на рамниот данок од 10% и промотор на класни нееднаквости.

Особено остри беа критиките кон улогата на Славески во создавањето на ТИРЗ-зоните, каде, според Исмаил, биле отворени „енормни можности за експлоатација на македонските работници од страна на странскиот капитал“. Осврнувајќи се на конкретни економски потези, Исмаил посочи дека Славески издал најскапа еврообврзница со камата од 9,8% и земал заем од 70 милиони евра од Светската банка во 2008 година за патна инфраструктура, која и денес останала незавршена и се провлекува низ извештаите.

„Сега истиот овој човек треба да врши надзор врз нови шест милијарди евра заем? Да надгледува коруптивни зделки на своите партиски пајташи?“ – запраша Исмаил.

„Овој човек беше најгласен противник на зголемување на минималната плата. Но не само што е антиработнички настроен, туку тој е и расист.“ Исмаил потести дека во 2024 година, Славески бил осуден од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за расистички изјави насочени кон ромската заедница.

„Овој кандидат не само што ќе ја продлабочи социјалната нееднаквост, туку ќе биде симбол на расизмот кој го репрезентира владејачкото мнозинство“ – заклучи пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил.

Партијата Левица гласаше против изборот на Славески, додека мнозинството пратеници дадоа зелено светло тој да застане на чело на Народната банка во следниот мандат.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Мустафаоглу: Градот брои само прелетани хектари, не го интересира ни со што, ни дали ефективно и воопшто се прска против комарци

Горан Наумовски

Левица: 14 жртви, нула одговорност – пресудата за модуларната болница ја потврди играта на ДПМНЕ и СДСМ

Горан Наумовски

Левица: Јаневска тврди дека го покачила студентскиот оброк, а студентите и натаму добиваат 140 денари

Левица: Милиони за прскање без доказ дека делува – исти фирми и средства

Катерина Ѓуровски

Левица: Јаневска избра дрско да лаже или не знае ни колкав износ за студентски оброк исплаќа нејзиното министерство

Левица: Честитки до ДПМНЕ – Македонија стана лидер во Европа и по случаи на западнонилска треска по глава на жител

Горан Наумовски