Жестоки реакции утрово по објавените снимки на кои човек кој е дел од прославата на Денот на албанското знаме го кине и фрла македонското државно знаме. Реакции испратија сите поголеми македонси партии.
ВМРО-ДПМНЕ остро реагира и го осудува сквернавењето на македонското знаме кое се случи во текот на вчерашниот ден.
Истовремено реагираме на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи зад кои веруваме дека има и политичка позадина и кои преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда. Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот.
Kриминалните банди кои 20 години ги ограбија институциите и сите граѓани независно од етничката припадност, денес со овој однос покажаа дека за нив националните знамиња не се ништо друго освен обвивка со која мислат дека ќе избегнат кривична одговорност, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Немам зборови… pic.twitter.com/A3bS1WU8KY
— Роберто Навали (@roberto_navali) November 28, 2024
СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме. Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците. Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е темел на нашето заедничко општество, и секое однесување кое има за цел да предизвика поделби или тензии е спротивно на овие вредности.
СДСМ бара од Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија. Безрезервното спроведување на законите е единствениот пат до зачувување на мирот, безбедноста и довербата меѓу сите граѓани.
– Јавно ги осудувам ваквите настани и барам од институциите на прогонот да истите вакву поединци и групи ги открие и изведе пред лицето на правдата и истите да бидат санкционирани според закон. Истото го очекувам и од моите колеги градоначалници на кои ова не им е првпат да го кршат законот без да поднесат одговорност. Исто така очекувам јавна осуда на ваквите настани од сите парламентарни и вонпарламентарни партии во Македонија, како и сите представници на меѓународната заедница, вели лидерот на ЗНАМ Максим Димитревски.
Од Левица велат дека особено вознемирувачки за мнозинскиот македонски народ е фактот што се пееја песни со содржина дека Скопје е албански град, што претставува директна провокација и навреда за Македонците.
Дополнително, Министерството за внатрешни работи и Панче Тошковски, и покрај сето дивеење по скопските улици и улиците во другите градови каде се „славеше“, не презеде соодветни мерки за спречување и санкционирање на овие инциденти, што укажува на сериозен пропуст во заштитата на јавниот ред и мир, се вели во реакцијата од Левица.
За време на вечерашната прослава на Денот на албанското знаме, низ улиците во дел од Скопје, било скинато македонското знаме, според видеа што се појавија на социјалните мрежи.
Откако неколку улици во делови од Скопје вечерва беа блокирани од колони возила, од кои се вееја албански знамиња, на видеа објавени на социјалната мрежа Икс, во близина на Бит-пазар на еден автомобил може да се види како лице го кине македонското знаме и го фрла.