Владимир Христовски кој зборуваше на протестот пред Уставнот суд против одлуката за помилување на изборните измами и други тешки криминали, се соочува со анонимни закани за својата безбедност и безбедноста на неговото семејство. Тој до пред година и половина бил член на ВМРО – ДПМНЕ, но неможејќи веќе да го поднесува теророт, како што вели самиот, се повлекол од УМС (Унија на млади сили), затоа што не можел да ги трпи принудите да донесе 10 луѓе што ќе гласаат за ВМРО – ДПМНЕ.
– До пред една и пол година бев член на ВМРО – ДПМНЕ, имав пристапница, а членската книшка можеби се уште ми стои таму и пишав на статус на фб и тоа ги допре, дека јас, Владимир Христовски, како поранешен член на ВМРО – ДПМНЕ, јавно го замолувам претседателот на УМС во Велес, Катранџиев, доколку се уште има некои податоци во ДПМНЕ, да ми се избришат од две причини: Не сакам тоа да биде злоупотребено и не сакам моето име да биде дел од толку валкана партија.
Христовски сведочи дека во партијата ВМРО – ДПМНЕ се барало да се донесат 10 гласачи
– Се нудеа и пари, ми дадоа и пенкало и ми рекоа дека сите ќе гласале со него и на пенкалото имало кругче со две точки и ќе знаеле ако има 10 кругчиња со две точки дека тие десет гласачи биле мои и јас тоа не го прифатов, Тоа навистина беше надвор од сите вери, вели Христовски.
После протестот пред Уставен суд, Христовски добил неколку заканувачки анонимни телефонски повици, а на прагот од свој дом добил и рачно испишана порака како „последна опомена пред црвен картон“.
– Јас на протестот пред Уставен суд држев говор и по еден час го објавив на фејсбук и веднаш добив реакции и закани од типот на анонимни телефонски повици, дали јас сум се плашел, им одговорив дека не се плашам, потоа ми рекоа: „може мајка ти се плаши“ и ми прекинаа. Следниот ден пред вратата најдов лист хартија на кој пишуваше „ова ти е последна опомена пред да добиеш црвен картон“. Потоа ми стигна порака од еден дечко Мартин кој видел дека огласникот „Купи продај“, го споделуваат моето име со порака „ Да го сотреме, Предавник!“ и “Споделувајте“. Се сомневам дека се УМС затоа што до пред година и половина бев член на УМС, но се откажав зашто имаше многу терор во партијата. Отидов во полиција го пријавив случајот, вели Христовски
Младиот Владимир Христовски и на денешниот протест пред Уставниот суд говореше против одлукитана петмината судии да може претседателот да помилува за изборен криминал, но и за други тешки кримиали како педофилија и злосторства против човештвото.
Александра Бубевска