Нападот на семејството Зекири, полицијата го претстави како сообраќајна несреќа, но медиумите открија дека се работи за сериозен напад на семејството во населбата Радишани – изјави претседателката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска.
Според сознанијата на Хелсиншкиот комитет, МВР успеало да пронајде само еден сторител за нападот и истото лице одговара за тепачка, иако истиот вооружен директно му се заканувал на семејството.
– Откако стапивме во контакт со семејството Зекири, дојдовме до информации дека тие биле предмет на напади и во изминатите години. Семејството поседува и камери во куќата. Дури 16 лица од ова семејство бараат азил од државата, сметајќи дека институциите на системот не можат да помогнат – објасни Пировска.
Во следењето на говорот на омраза во текот на предизборниот и изборниот период е забележан висок тренд на инциденти, но и физички напади во зависност од политичката определба. Набљудувањето на Хелсиншкиот комитет покажува дека нема ефект, вели Пировска, без преземање активности и конкретни мерки од страна на институциите.
Анализата за мапирањето и известувањето за криминалот од омраза, покажува дека Македонија не собира податоци за злостроства сторени од омраза, државата не им нуди поддршка на жртвите од нападите, институциите не преземаат превентивни мерки, а надлежните не се обучени во однос на идентификација и одговор на злостроства на омраза. Собраните инфорамции ги посочуваат младите и ЛГБТ популацијата како најпогодени жртви во инцидентите.
Во годинешниот извештај на ОБСЕ од 2012-та година се вели дека Македонија не води никакви статистички податоци за криминал од омраза. Дури и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија се наведува дека „“Не се собираат системски за приајвувања, истраги и обвинувања за говор и злосторства од омраза, а потребно е да се обезбедат и обуки за спроведувачите на законот, обвинителите и судиите“.
Според Воислав Стојановски кој е еден од истражувачите во проектот, во 2013-та година се нотирани 116 инциденти, од кои само половина биле верификувани. Според видот на инцидентите, најчест обид е физичкиот напад, кој е застапен со 68 насто, а подеднакво напаѓаат и жртви се и Македонци и Албанци.
Статистичките податоци покажуваат дека дури 72 насто од инцидентите се случиле во главниот град, освен во Шуто Оризари. Дебар е посочен како град во кој не е регистриран ниту еден инцидент.
– Најголемите инциденти се случија во март 2013-та година, по назначувањето на Талат Џафери за министер за одбрана. За локалните избори кои се случија минатата година, не се случи ниту еден инцидент, со што слободно можеме да констатираме дека локалните избори беа најмирни, а не овие кои се случија пред неполн месец – изјави Стојановски.
Дури 21 инцидент е нотиран и во автобусите на ЈСП – Скопје, во места кои сообраќаат и Македонци и Албанци. Најголем проблем во пронаоѓањето на сторителите е тоа што камерите во автобусите не снимаат, туку функционираат снимаат само моментално што се случува.
Најмладата жртва од инциденти од омраза има 10 години.
Проектот за набљудување, мапирање и известување за криминалот од омраза е заеднички проект на Хелсиншкиот комитет со мисијата од ОБСЕ.
Петар Клинчарски