Дочекот на новата година и испраќање на старата за многумина беше повторно најлудата ноќ во годината. Играа, се веселеа, но за семејството Зафировски оваа вечер беше уште една во низата поминати без струја и во тишина.
Близнаците Тео и Тони заедно со своите баба и дедо новата година ја пречекаа на скромна трпеза со желба и надеж дека во годината која следува работите за нив ќе се променат и тешката состојба во која се наоѓаат ќе биде надмината.
– Изминатата година беше добра, оваа новата нека биде подобра, посака бабата на Тео и Тони.
Благодарение на хуманите граѓани Тео и Тони за новогодишната ноќ добија месо на скара, а нивната баба подготви руска салата, сарма и погача на стариот шпорет на дрва. За останатите граѓани оваа трпеза на семејството Зафировски е скромна, но за нив, како што вели бабата Станка, тоа е најобилната вечера која некогаш ја имале при што по којзнае по кој пат се заблагодари на сите хумани граѓани кои им испратија храна, топла облека и дрва за огрев.
– Баба и дедо да бидат здрави, беше желбата на близнаците за Новата година.
Но, и покрај многуте донации, проблемот со електричната енергија остана нерешен, темницата во кој живеат и долгот за струја од 550.000 денари се уште се на плеќите на дедото Веле кој низ солзи вели дека залудно стојат печката и фрижидерот кои им ги подарија, кога нема на што да ги приклучат.
Дедото Веле, благодарение на оваа хуманитарна акција, од 2 јануари ќе започне со работа во ЈП „Паркови и зеленило“ во општина Аеородром, поточно во Долно Лисиче каде и живее со своето семејство. Тој јавно побара доколку е возможно долгот за електрична енергија да му биде избришан, а струјата вратена бидејќи земајќи ја во предвид работата, ќе има можност да ги плаќа сметките кои ќе пристигнуваат.
Помош од владата побара и бабата на Тео и Тони.
-Јас знам дека сум должник, ама тоа е сиромаштијата. Нека помогнат со струјата, јас ветувам дека ќе плаќам редовно секој месец натаму.
Во новата година, семејството Зафировски ќе добие, тоалет, санитарии, саниран покрив, како и ламинат со кој ќе се покрие бетонот по кој одат седумгодишните Тео и Тони. Од градежната фирма, која доброволно се пријави да му помогне на ова социјално загрозено семејство, ветија дека ќе се потрудат целосно да ја санираат куќата за Тео и Тони повеќе да не мора да јадат, учат и да се бањаат во студените соби низ кои поминува студениот зимски ветер поради импровизираните прозорци и врати.
Виктор Јованов