Заменикот генерален секретар на НАТО Александар Вершбоу најави дека на самитот на НАТО во септември во Британија ќе мора да биде упатена силна порака за проширувањето на Алијансата, дури и ако ниту една земја не биде примена во членство.
– На крајот на краиштата, имаме предизвик да испратиме силна и уверувачка порака за проширување на самитот во Британија, за да биде јасно дека нашата отворена врата навистина е отворена, дека процесот на проширување и понатаму е заснован врз заслуги на земјите – аспирантки и дека ниту една надворешна сила нема да има право на вето врз приемот на новите членки – изјави Вершбоу.
Изјавата да се спречи вето на проширувањето се однесува на притисокот однадвор од НАТО, пред се од страна на Русија, која се противи на приемот на нови членки, особено тие што се граничат со неа како Грузија или Финска.
Вершбоу, кој е поранешен американски амбасадор во НАТО и во Москва, изјави дека во моментов се уште не е јасно дали на самитот во Британија ќе има можност да биде примена некоја нова членка, од повеќето земји аспирантки како што се Македонија и Црна Гора, или евентуално Финска и Шведска. Рускиот притисок врз големите европски членки на НАТО се смета за главна причина за откажување на процесот за прием на Грузија и Украина во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година.
Вершбоу зборуваше на големиот самит на Атланскиот совет на САД посветен на проширувањето на НАТО, на кој поголем број говорници ја истакнаа потребата Македонија да биде примена во НАТО.
Томаш Валашек, словачкиот амбасадор во НАТО, рече дека мора да престане ситуацијата на долго оценување на кандидатите како што е Македонија, со повеќе од десетгодишни МАП процеси, за време на кои кандидатките се соочуваат со притисоци однадвор да не бидат членки на НАТО, а во исто време не добиваат никаква заштита од Алијансата.
Амбасадорот на Хрватска во Вашингтон, Јошко Паро, ги повика Вершбоу и другите учесници на конференцијата да бидат активни во надминувањето на внатрешните пречки кои се создаваат во Алијансата, како што е грчката блокада за Македонија, противењето на приемот на Црна Гора, па и непризнавањето на Косово од повеќе држави – членки на НАТО.
Апел за брз прием во НАТО упатија и министрите за одбрана на Црна Гора и Грузија, кои вчера говореа во Вашингтон, еден ден откако истиот повик за проширување го упати и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.
– Многу е важно политиката на отворена врата да даде конкретни резултати на следниот самит на НАТО. Сите знаеме дека кога проширувањето е во прашање, тоа е секогаш политичка одлука. Живееме во време полно со предизвици поради развојот на настаните во Украина, и немојте да мислите дека овие настани немаат влијание и врз Балканот. Отворените прашања се уште не се разрешени на Балканот, и приемот во НАТО може да не доведе во ситуација да сме побезбедни и посигурни – изјави Милица Пејановиќ – Ѓуришиќ, црногорската министерка за одбрана.