Проф. д-р Велимир Стојковски е реизбран за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје на денешната седница на Сенатот на УКИМ во трката за четиригодишен мандат, во која противкандидат во вториот круг гласање му беше Мирјана Менковска од Институтот за сточарство.
Со тајно гласање на 68 сенатори на Скопскиот универзитет, Стојковски доби 65 гласа, а Менковска еден. Две гласачки ливчиња беа неважечки.
Велимир Стојковски (1966) е доктор на биолошки науки и до пред четири години, кога стана ректор на УКИМ, беше редовен професор на Факултетот за ветеринарна медицина.
Кандидати за ректор во наредните четири покрај Стојковски и Менковска беа и професорите Ненад Новковски од Природно-математичкиот факултет и Весна Јаневска од Медицинскиот факултет. Тие пред десет дена не добија доволен број гласови од деканите, на првиот круг гласање на седница на Ректорската управа.