Уставот од 1991 претрпе осум измени, уставните корекции се пракса и во други земји

Од:

Македонскиот Устав како највисок правен акт на државата досега има претрпено осум амандмански измени. Последната беше во 2019 година кога Собранието со 81 глас „за“ ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа. Собранието го донесе и Уставниот закон за спроведување на амандманите.

Претходно, измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и во 2011 година.

Првите измени на Уставот се усвоени на 6 јануари 1992 година со донесување на Амандманите I и II. Со нив се утврдува дека државата нема територијални претензии кон соседните држави и нема да се меша во суверените права и внатрешните работи на други држави.

На 1 јули 1998 година е усвоен Амандманот III, по иницијатива на Врховниот суд и со него е поместен рокот за максималното времетраење на притворот до подигнување на обвинение, од 90 на 180 дена од денот на притворувањето.

Пратениците на седница на Собранието на 16 ноември 2001 година ги усвоија амандманите  IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII. Овие амандмани се донесени како обврска од Охридскиот рамковен договор. Заменета е Преамбулата на Уставот која е напишана во еден став. На сосема нов начин е уредено прашањето на примената на службениот јазик и неговото писмо на целата територија на државата и во единиците на локалната самоуправа. Воведена е нова темелна вредност во уставниот поредок на државата односно соодветна и правична застапеност на граѓаните од другите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа. Проширена е листата на верските заедници утврдена во Уставот од 1991 година. Регулирани се правата на етничките малцинства. Гарантирана е заштитата, унапредувањето и збогатувањето на историското и уметничкото богатство на државата и на сите заедници во неа. Предвидено е дека за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државата. Регулиран е начинот на избор (двојно мнозинство) и надлежностите на Народниот правобранител. Воведен е Комитетот за односи меѓу заедниците кој го основа Собранието и утврден е неговиот состав. Уредена е застапеноста на припадниците на малцинските заедници во Републичкиот судски совет, Уставниот суд и Советот за безбедност. Уредено е прашењето на донесувањето на законите од областа на локалната самоуправа (двојно мнозинство гласови), како и надлежностите на единиците на локалната самоуправа. Регулирана е постапката за донесување на одлуката за измена на Уставот на Република Македонија. Според последниот амандман, преамбулата, членовите за локалната самоуправа, членот 131, односно одлуката за пристапување кон измена на Уставот, како и членовите со кои се регулираат темелните вредности, правото на еднаквост, како и правата на малцинските заедници и одлуката за додавање нова одредба, која се однесува на предметот на тие одредби или членови, не можат да се променат без двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

На 26 декември 2003 година пратениците го усвоија амандманот XIX со кој се уредува отстапување од неповредливоста на тајноста на сите други облици на комуникација, а не само на писмата, како што е утврдено со Уставот од 1991 година. Утврдено е дека отстапувањето се врши врз основа на одлука на суд, под услови и постапка утврдени со закон, а поради точно наведени причини.

Амандманите XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX И XXX Собранието ги усвои на седницата одржана на 7 декември 2005 година. Тие се однесуваат на реформите на судскиот систем, односно на промената на организацијата на судскиот систем, изборот на судии и јавно обвинителство. Укинат е имунитетот на министрите, а се задржува само имунитетот на претседателот на Владата со тоа што за одземање на неговиот имунитет одлучува Собранието, а не Владата како што предвидуваше Уставот од 1991 година.

На собраниската седница одржана на 9 јануари 2009 година е усвоен Амандманот XXXI на Уставот со кој е утврден цензусот за избор на претседателот на Републиката во вториот изборен круг (ќе биде избран оној кандидат кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на избори излегле повеќе од четириесет проценти (40%) од вкупниот број избирачи во Републиката).

Амандманот XXXII на Уставот е усвоен на собраниската седница на 12 април 2011 година, а се однесува на неможноста на одземање на државјанството на државјанин на Република Македонија, односно на неможноста истиот да биде протеран од државата. Државјанин на Република Македонија не може да биде предаден на друга држава, освен врз основа на ратификуван меѓународен договор и со одлука на суд.

Последните уставни измени беа направени на 11 јануари 2019 година кога во законодавниот дом беа усвоени амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI на Уставот кои влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба. Со нив се менува името на државата од „Република Македонија“ во „Република Северна Македонија“, се прават промени во Преамбулата, се гарантира суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и грижата за дијаспората.

Пракса на уставни измени во други земји во Европа

Уставните измени односно реформи се сложен и долг процес. Понекогаш  измените се неопходни и сосема суштински заради подобрување на демократското владеење или прилагодување на политичките, економските и социјалните трансформации. Сепак, имајќи го предвид фактот дека основањето на државите се впишува во самиот устав, измената на овој значаен документ е прашање од голема важност. Во некои европски држави уставните измени се толку чести што се случуваат скоро секоја година, а во други пак се многу ретки.

– Во Австрија измените на Уставот на годишно ниво варираат од еден до шест пати (со исклучок на годините кога немало воопшто ниту една измена). Швајцарскиот и белгискиот устав, исто така, се менуваат доста често, а во грузискиот устав има повеќе од триесет измени,  покажува компаративното истражување на Парламентарниот институт.

Во други држави, пак, како што стои во истражувањето, уставните измени се многу ретки.

-Во Шведска, Актот за сукцесија кој е дел од четирите фундаментални закони на Уставот е сменет само еднаш. Во Романија немало воопшто никакви измени од 2003 година. Шпанскиот устав пак има претрпено само две измени. Уставот на Полска, исто така, од 1997 година е изменет само два пати. Во Финска, Уставот е изменет четири пати од неговото влегување во сила од 2000 година. Бугарскиот устав е изменет само пет пати од 1991 година. Грчкиот устав пак од 1975 година има претрпено четири ревизии. Уставот на Литванија од 1992 година е изменет 10 пати, се наведува во истражувањето.

Уставот на Република Северна Македонија од 1991 година до денес, е изменет осум пати. Од Парламентарниот институт  посочуваат дека има неколку години во кои не постои воопшто ниту една измена, но во некои години има измени во над 15 членови од Уставот.

– Прашањето за уставните измени се наоѓа во сржта на уставната теорија и пракса. Конституционализмот имплицира дека фундаменталните правила за ефективно остварување на државната власт и заштитата на индивидуалните човекови права треба да бидат стабилни и предвидливи, а не да се предмет на чести измени, се наведува во истражувањето и се посочува дека ова е клучно кога се зборува за легитимноста на уставниот систем.

Би можело да ве интересира

Мицкоски по координацијата: Да не се одолговлекува седницата за Уставни измени

Не е прекршен Деловникот – 10 дена е рок за расправата, не за гласање, велат од СДСМ

Александар Тодески

(ВИДЕО) Ковачевски доби силен аплауз од 70 пратеници: Улиците во Скопје се мирни, граѓаните очекуваат европска одлука

Орце Костов

Писмо за пратениците од Османи: Отворете го Уставот, одговорно тврдам дека го зачувавме македонскиот идентитет

Орце Костов

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ немаат притисоци да гласаат за Уставот, СДСМ нема 80 пратеници

Орце Костов

Ковачевски е оптимист дека во следните 30 дена ќе обезбеди 80 пратеници да гласаат за промена на Уставот

Орце Костов