Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови донел одлука да поведе постапка за оценување на измените на Законот за помилување со кои, претседателот на државата, од 2009 година до сега не можеше да помилува лица осудени за кривични дела поврзани со изборни нерегуларности.
Ова е првата фаза во оценувањето на уставноста, во втората фаза која би можела да трае до еден месец, Уставниот суд може да донесе одлука за укинување на оваа одредба од Законот.На денешната седница имало долга расправа, мислењето на мнозинството уставни судии е дека треба да се поведе постапка за оценување на овој закон затоа што законодавецот ги надминал уставните овластувања и влегол во ингеренциите на Претседателот на државата. Судот тргнал од претпоставката дека тоа имплицира дека и во иднина законодавецот ќе може да ја намалува или зголемува листата на кривични дела за кои може да се добие помилување.
Иницијативата за оценување на уставноста на измените во законот од 2009 година во Уставниот суд стигнала пред десетина дена, а подносител е адвокатот Ристо Китевски. Претставката е поднесена брзо по отворањето на случајот „Титаник“. Овој предлог за рекордно брзо време дојде на днениот ред на Уставниот суд.