Уставен суд поведе постапка за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната

Од:

Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница поведе постапка за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Иницијативата е поднесена од Христијан Георгиевски, адвокат од Куманово.

Според судиите со овој Закон се нарушува принципот на поделба на власта и судската независност.

– Законот сериозно навлегува во независноста на судската власт и го нарушува начелото на поделба на власта. Со Законот постои мешање на законодавната и судската власт која треба да е независна, посочи судијата известител Наташа Габер-Дамјановска во својот реферат.

Во контекст на тоа, додаде дека Законот е спротивен на законски предвидената слободна оценка на доказите и судиското убедување.

– Со овој Закон се формализира слободното судиско убедување и не се води грижа за индивидуализацијата на казната, истакна Габер-Дамјановска.

Таа притоа ја посочи анализата на примената на Законот за видот и одмерувањето на казните од универзитетските професори по кривично право, д-р Гордана Бужаровска и д-р Лазар Нанев, во која е наведено дека овој Закон е спротивен на Уставот на РМ и оти сериозно го нарушува начелото на поделба на власта предвидено со Уставот. Во анализата, како што додаде, е посочено дека Законот му дозволува на законодавецот да влијае врз судското одмерување на санкциите.

Претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски рече дека со овој Закон требаше да се направат позитивни работи, но се направија работи кои не се добри ниту за обвинети, ниту за судии, ниту за адвокати, ниту пак за обвинители. Во контекст на тоа, меѓудругото додаде дека овој Законот е противуставен.

Уставните судии денеска изразија сомнеж и поведоа постапка и за неколку члена од Законот за извршување, со кои се регулира работата на извршителите. Законот за извршување е во сила од 1 јануари годинава.

На денешната седница судиите не донесоа одлука за уставноста и за законитоста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, кој и овозможува на Управата за безбедност и контраразунавање (УБК) директно да прислушува преку телекомуникациските оператори. Одложувањето на одлучувањето по оваа точка е поради тоа што Судот работи во скратен состав со осум судии, поради што немаше мнозинство за донесување конечна одлука.

Би можело да ве интересира

Уставниот суд не поведе постапка за оценување уставност на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации

Ана Ололовска

Уставниот суд не поведе постапка по иницијативата за прислушкуваните материјали

Ана Ололовска

Одлуки од денешната седница на Уставниот суд

Ана Ололовска

Уставниот суд ќе одлучува по предметот за ДУП-от со бензинската на „Пуцко-петрол“ во Карпош

Ана Ололовска

Уставниот суд укина два члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица

Ана Ололовска

Уставен го оцени како неуставно ограничувањето на изборот на претседател на Судскиот совет само од членовите избрани од Собранието

Ана Ололовска