Универзитетот на Југоисточна Европа и Универзитетот во Љубљана денеска во Тетово потпишаа договор за партнерство за формирање на заедничка магистерска програма – европски студии.
Договорот го потпишаа ректорот на Универзитетот на ЈИЕ Замир Дика и ректорот на универзитетот во Љубљана, Иван Светлиќ.
– Студиската програма за мастер европски студии е акредитирана во Македонија, а дипломата е со еднаква важност во двете земји. Со ова се отвора можност за образование на професионалци што ќе помогнат и придонесат во процесот на европските интеграции на Македонија и регионот. Соработката со љубљанскиот Универзитет за нас има големо значење бидејќи тие редовно во сите рангирања се во првите 500 универзитети во светот, истакна ректорот Дика.
Ректорот на Универзитетот во Љубљана оцени дека договорот е продлабочување на досегашната соработка меѓу двете високообразовни установи.
– Ова е и наш мал придонес во добрата билатерална соработка меѓу Македонија и Словенија, нагласи Светлиќ.
На потпишувањето на договорот присуствуваше и словенечкиот амбасадор Бранко Раковец.